• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорѓиевски: Се прави вештачко креирање на проблеми со најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС

Ѓорѓиевски: Се прави вештачко креирање на проблеми со најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС

Скопје, 27 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски смета дека се прави вештачко креирање на проблеми и дека има политика во најавите на градоначалниците на Струмица и Карпош за излегување од ЗЕЛС. 

Во синоќешното гостување во дневникот на МТВ, Ѓорѓиевски посочи дека струмичкиот градоначалник одбива комуникација и подадена рака од другите колеги, ставајќи ги во заложништво своите граѓани заради свои политички цели.

- Иако досега избегнував да го коментирам, морам да го истакнам несериозниот однос и пристап кон ЗЕЛС, на колегата од Струмица, Костадинов. Практично, не паметам седница на која се појавил, секогаш праќал замена. Во моментите кога се појави кризниот период, не само јас, туку и повеќе мои колеги и соработници од ЗЕЛС, пробавме да го исконтактираме, да продискутираме со него дали има простор да му помогнеме, да се вклучиме во надминување на кризата со водоводот. Обидите за соработка кој тој тврди дека ги имал, се двосмерна улица и морам да ја информирам јавноста дека сум наишол од него на затворена врата. И тоа не само јас, туку и други соработници, дури и од неговата политичка партија, изјави Ѓорѓиевски.

Според претседателот на ЗЕЛС, има средства за сите општини коишто ги исполниле критериумите за добивање на средства за инфраструктурни проекти, а дополнителниот рок е за комплетирање на документацијата.

- Веќе имаме продолжен рок за да можат се надминат техничките проблеми. Морам да истакнам дека со колегата Костадинов од Струмица не можев да стапам во контакт и за ова да разговараме, затоа што знаејќи ги критериумите, не знам од кои причини, аплицирал со проект за кој веќе е започната работа, односно започната е јавната постапка. Не разбирам која е причината што при јасно утврдени критериуми, колегата Костадинов свесно аплицирал со проект за кој веќе завршил тендерска постапка и за кој веќе има ставено камен темелник и веќе се работи проектот... Што се однесува до останатите, колегата Нухи од Теарце, неговите служби можеби задоцниле со апликацијата, нам во Кисела Вода, на колегата Дарко од Бутел и колегата од Сарај ни недостасува документ за одобрение за градба и тоа се разбирливи работи. Има простор, ќе се надминат овие технички проблеми. Целта на премиерот, но и она што го барав јас од него, беше да се остави простор за дополнување на техничката документација, зошто сите општини треба да добијат пари, тоа е нашата заложба, рече Ѓорѓиевски. бак/

Фото: Општина Кисела вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан