Ѓорче Петров прва општина со обука за претприемништво за наставници од основните училишта
- Општина Ѓорче Петров започна со реализација на дводневна обука за претприемништво, наменета за наставници од сите основни училишта на територијата на општината, со што, како што информираат, се прави значаен чекор кон унапредување на образовниот процес и развој на современи вештини кај учениците.
Скопје, 10 март 2026 (МИА) – Општина Ѓорче Петров започна со реализација на дводневна обука за претприемништво, наменета за наставници од сите основни училишта на територијата на општината, со што, како што информираат, се прави значаен чекор кон унапредување на образовниот процес и развој на современи вештини кај учениците.
Наставниците, преку обуката, се стекнуваат со знаења и практични алатки од областа на претприемништвото, финансиската писменост, циркуларната економија, дигитализацијата, користењето компјутери, екологијата и други современи теми кои се важни за развојот на младите генерации.

Обуката се реализира во рамки на соработката со здружението „Џуниор Ачивмент Македонија“. Со ова, како што информираат од Општина Ѓорче Петров, таа станува првата локална самоуправа во која програмата започнува да се спроведува и во основните училишта, што претставува значаен чекор напред кон модерно, практично и квалитетно образование.
На овој начин, општината активно придонесува кон развој на претприемничкиот дух кај учениците уште од најрана возраст, поттикнувајќи ги да размислуваат креативно, да развиваат иновативни идеи и да се подготвуваат за успешни идни кариери.

По завршувањето на обуката, предвидено е организирање на голем натпревар во кој ќе учествуваат ученици од основните училишта од Општина Ѓорче Петров, каде ќе имаат можност да ги претстават своите идеи и проекти од областа на претприемништвото.
Соработката е воспоставена врз основа на Меморандум за соработка, претходно потпишан помеѓу Општина Ѓорче Петров и „Џуниор Ачивмент Македонија“. аа/дма/
Фото: Општина Ѓорче Петров