• понеделник, 23 декември 2024

Ѓоргиевска и Шмидауер проследија изложби и ги посетија Старата скопска чаршија и Чифте амам

Ѓоргиевска и Шмидауер проследија изложби и ги посетија Старата скопска чаршија и Чифте амам

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска и Дорис Шмидауер, сопруга на австрискиот претседател Александер Ван Дер Белен кои престојуваат во официјална посета на Северна Македонија, денеска се запознаа со проектот за градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите којшто се реализира од Националниот младински совет на Северна Македонија.

Ѓоргиевска и Шмидауер потоа ја проследија и изложбата на дела на жени претприемачки организирана во соработка со Центарот за управување со промени.

Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, Ѓоргиевска и Шмидауер ја посетија Старата скопска чаршија и при прошетката имаа можност да поразговараат со дел од занаетчиите.

Во Националната галерија Чифте амам Ѓоргиевска и Шмидауер беа пречекани од директорката на Националната галерија Дита Старова Керими којашто ги водеше низ просториите на галеријата претставувајќи им го нејзиното значење и историјат. Имаа можност да ја разгледаат и изложбата „Пејсажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска со којашто ја претставија нашата земја на биеналето за ликовна уметност во Венеција.

Во Чифте амам се одржа панел дискусија на тема „Жените инспирираат“ на којашто воведно обраќање имаа Ѓоргиевска и Шмидауер. На панелот учествуваа успешни жени од земјава, претставнички од областа на политиката, економијата, бизнис и граѓанскиот сектор, културата и други области на којшто се презентираа нивните досегашни постигнувања.

При посетата на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, директорот на Центарот, Горан Садикарио ги запозна со постојаната поставка во Музејот во која се прикажува историјата на Евреите во нашата и во други држави низ различни временски периоди од минатото, нивниот егзодус за време на Втората светска војна и повторното воспоставување на еврејската заедница во земјава. мд/лв/

Фото: Кабинет на претседателот на државата Стево Пендаровски 

 

Остани поврзан