• четврток, 19 март 2026

Штрајк на неопределено време почнаа бензинските пумпи на грчкиот остров Лезбос

Штрајк на неопределено време почнаа бензинските пумпи на грчкиот остров Лезбос

Атина, 19 март 2026 (МИА) - Зголемување на воведениот плафон на профитната маржа од 12 на 20 центи или утврдување на плафонот според нивото од 27 февруари, односно денот пред почетокот на војната, бараат сопствениците на сите бензинските пумпи на грчкиот остров Лезбос, кои почнаа штрајк и од денеска ќе бидат затворени на неопределено време, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката за штрајкот беше едногласно донесена од 45 сопственици на бензински пумпи на островот за време на генералното собрание одржано во вторникот кога, според локалните медиуми, било нагласено дека „затвораат за да не ги затворат“.

Грчката влада минатата седмица воведе плафон на профитната маржа - 5 центи за литар гориво во големопродажбата и 12 центи на бензинските пумпи, а од Сојузот на сопствениците на бензинските пумпи на Лезбос сметаат дека оваа регулатива, која не се применува на рафинериите, иако тие имаат клучна одговорност за наглото зголемување на цените на горивата од почетокот на војната, го довела секторот до економско задушување.

Преку штрајкот бараат зголемување на плафонот од 12 центи (со ДДВ) на 20 центи (со ДДВ) за островите во северниот дел на Егејското Море или алтернативно - предлагаат утврдување на плафонот на нивото што важеше на 27 февруари, односно еден ден пред почетокот на војната, а барањата се со цел „бензинските пумпи да останат одржливи“

Во текот на вчерашниот ден, според локалните медиуми на островот, на бензинските станици имало редици за жителите да се снабдат со бензин.

Реакции за владините мерки и плафонот на профитната маржа има од сопствениците од бензинските пумпи од цела Грција, а претпладнево нивни претставници ќе се сретнат со министерот за развој.

Цената на бензинот на одредени бензински пумпи во Грција во текот на вчерашниот ден достигна и две евра. ср/јт/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан