• петок, 22 ноември 2024

Штипското здружение „Мирка Гинова“ одржа панихида за загинатите борци во Граѓанската војна во Грција

Штипското здружение „Мирка Гинова“ одржа панихида за загинатите борци во Граѓанската војна во Грција

Штип, 10 март 2024 (МИА) - Здружението на македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова" од Штип денеска организираше Панихида за паднатите борци, жртви од Егејска Македонија во црквата „Свети Константин и Елена“ во штипската населбата Балканска. Трајче Димоков од здружението „Мирка Гинова“ истакна дека денеска најмалку што можe да се направи е и да им се даде почит на паднатите борци во Граѓанската војна.

-Ние во овој момент ги испочитуваме повеќе од 120 загинати борци, чии семејства се доселиле и живеат во Штип. Нивните семејства живеат во Штип и штипско. Во рамките на таа борба има загинато илјадници луѓе, вели Димков.

Неговиот татко, Стојан Димков е жив сведок на настаните и со емоции ја раскажува голготата на семејствата, кои имаат некој близок член загинат во оваа Граѓанска војна, но и патот на иселувањето децата бегалци од Егејска Македонија.

-Само од моето село Пожарско има во оваа војна загинато 75 луѓе, а од моето семејство имам околу 10 члена загинато. Бегањето беше многу тешко,зимно време. Семејствата од своите домови земаа она што им е најпотребно, вели Димков.

Александар Јаневски претседател на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејска Македонија „Македон“ истакна дека денеска се одбележуваат 76 години од егзодусот на насилно прогонетите Македонци од Егејска Македонија.

-За жал најголеми жртви беа децата раселени низ целиот свет, но гледаме дека историјата ни се повторува. Затоа ние како Сојуз повикуваме на семакедонско обединување и помирување, вели Јаневски.

Посочува дека ќе продолжат да бараат и да се исполнат барања Македонците кои останаа да живеат во овој дел да учат и се образуваат на својот мајчин македонски јазик, како и правото на здружување и организирање, но и обештетување на прогенетите Македонци, кои имаат имоти и куќи во Грција.

Пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Никола Мицевски истакна дека денеска е ден за споменување на македонските борци кои се бореле во Граѓанската војна.

-Борбата на македонскиот народ е традиционална, борбата на македонскиот народ продолжува. Затоа сме и тука за да ги чевствуваме жртвите кои го дале својот живот, вели Мицевски.

На одбележувањето на 76 годишнината присуствуваа делегации од локални институции, здруженија, како и семејства на загинатите борци. вдј/дма/

 Фото: МИА

Остани поврзан