Штипските пожарникари апелираат да се чистат оџаците пред стартот на грејната сезона
- На самиот старт на грејната сезона домаќинствата кои се греат на огревно дрво да си ги исчистат оџаците, апелираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип.
Штип, 14 октомври 2025 (МИА) – На самиот старт на грејната сезона домаќинствата кои се греат на огревно дрво да си ги исчистат оџаците, апелираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип.
Командирот на ТППЕ-Штип Благој Ренџов вели дека во текот на зимските месеци интервенциите им се пред се на запалени оџаци на куќи или станбени згради. Посочува дека пожарите избувнуваат за миг, а пламенот пробива преку ѕидови и покривот.
Ренџов вели дека во споредба со претходните години, ваквите пожари се со намален број, но сепак се појава во текот на грејната сезона, затоа тој потенцираше сезоната на греење да почне безбедно – со чисти оџаци и проверена инсталација.
-Еден апел до граѓаните, пред употребата на грејните тела да ги прочистат оџаците, а тие што се греат на струја да ја проверат електричната инсталација за да не дојде до несакани последици. Во просек, минатата година имавме намален број на запалени оџаци, претежно луѓето се префрлаат на греење на електрична енергија. Со нередовното чистење на самите оџаци, со нередовното одржување, испукани оџаци, од саѓите при високата температура, тие се запалуваат внатре и доведуваат до голема температура преку 1.000 степени, каде што самата цигла раскупува и излегува пламен, рече Ренџов.
Но, не само во куќите, пожари настануваат и во постари згради, а во новите станбени згради станарите се одлучуваат да се греат на струја. вдј/мд/
Фото: МИА