• петок, 05 декември 2025

Штипскиот Совет донесе одлука за формирање на паралелки со помал број на ученици во петте основни училишта

Штипскиот Совет донесе одлука за формирање на паралелки со помал број на ученици во петте основни училишта

Штип, 25 август 2025 (МИА) – Петте основни училишта во Штип годинава ќе формираат паралелки со помал број на ученици. Директорите на штипските училишта барањата ги доставија до Советот на Општина Штип, а на денешната 66 седница беа донесени одлуките за формирање на паралелки со помал број на ученици. Директорите на училиштата во своите денешни излагања пред штипските советници истакнаа дека причината за намалениот број на правчиња, но и во паралелките во повисоките одделенија е иселувањата на семејствата во странство.

Годинава ќе се формираат и по неколку паралелки со помал број на ученици и во одделенска и предметна настава. Директорот на Општинското основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“-Штип, Зоран Митев пред советниците истакна дека и покрај тоа што се донесени нови законски измени за почитување на реонизацијата на училиштата, сепак дел од родителите наоѓаат начини, како да ги запишат своите деца во прво одделение во другите училишта. Во ова училиште досега се запишани 54 првачиња за учебната 2025-2026 година, но какошто вели Минов две веќе се испишале.

-И покрај извршената нова реонизација, состојбата не е променета во ООУ „Гоце Делчев“-Штип, од едноставно причина што родителите најдоа нов модул, начин за запишување на учениците во други училишта. Имено, си ги менуваат адресите, а оние коишто не успее да си ги сменат адресите само со нотарски договор потпишан кај нотар без наемнина ги запишуваат учениците во другите училишта, вели Митев.

Сепак очекува во септември и октомври да се запишат уште дополнително десет првачиња, коишто со своите родители се на сезонска работа. Митев рече дека со почетокот на учебната година ќе бараат да се испитаат адресите на родителите, со цел да се утврди дали се почитува реонизацијата на училиштата. вдј/бк/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан