• петок, 22 ноември 2024

Штипската опозиција прашува каде се дел од детските реквизити наменети за објектите на градинката „Астибо“

Штипската опозиција прашува каде се дел од детските реквизити наменети за објектите на градинката „Астибо“

Штип, 3 мај 2023 (МИА) - Дел од детските реквизити, кои се наменети за објектите на детската градинка „Астибо“-Штип се поставени, но дел од опремата недостасува, а во градинките нема поставено нити еден метар квадратен од вештачката трева, истакна на денешната прес-конференција координаторката на советничката група на СДСМ-Штип, Маријана Рогожарска-Поповска.

Таа забележа дека договорот бил склучен пред три месеци, а е вреден 2.539.601 денар, средства кои се добиени како блок дотација од Министерството за труд и социјална политика.

-Ваквата состојба на терен отвара редица прашања и сомневања за тоа каде се наоѓа опремата. Затоа јавно ја прашуваме директорката на детската градинка: -Каде и колку од детските реквизити и вештачката трава се поставени? – Дали се вистинити шпекулациите дека дел од опремата е изнесена од кругот на градинката и каде се наоѓа? -Дали без одобрение на Управниот одбор  опремата е предадена во владение на друг? -Дали можеби реквизитите и вештачката трева поставени во ЗОО паркот Бриони и оние на игралиштето во населбата Пребег се дел од набавените од страна на градинката? Јавноста треба да знае дали наменски доделените средства од страна на министерството се искористени за подобрување на условите во градинките или пак истите се искористени за реализација на предизборната програма на Јорданов и ДПМНЕ, вели Рогожарска-Поповска.

Таа ги повика  надлежните институциите да ги преиспитаат ваквите основи за сомневање за можна злоупотреба на службената положба од страна на директорката, а како што вели, како одговорна партија која работи во интерес на граѓаните, податоците и информациите кои дојдоа до нас ќе ги доставиме на увид и на институциите и на граѓаните.

Веднаш по прес-конференцијата на ОО СДСМ-Штип  пристигна и писмена реакција од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, а во која се вели дека на прес-конференцијата на СДСМ јавно биле изнесени лаги и невистини,  со кои сакаат да го уништат угледот на оваа установа за деца.

- Нашата градинка, која е најстара и со најголема традиција во градот, позната по неприкосновената услуга кон децата и родителите, како и по високото ниво на ефикасност во згрижувањето. Затоа, ваквите прес конференции можеби во моментов фрлаат црна сенка врз нашата работа, но не можат да ги сокријат нашиот мотив и посветеност во нашата основна дејност - згрижување на најмладите жители на нашиот град, се вели во писменото соопштение од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип. вдј/цр

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан