• сабота, 23 ноември 2024

Штипската Брза помош во просек има 50 интервенции дневно

Штипската Брза помош во просек има 50 интервенции дневно

Штип, 13 јануари 2023 (МИА) – Екипите на Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип бележат зголемен број интервенции во изминатите 13 дена. Дневно прегледуваат околу 50 пациенти, а најголемата гужва е во текот на ноќните часови.

Лекарот Стефан Ташков од Итната медицинска помош-Штип посочува дека пациентите се на различна возраст има деца, но и повозрасни граѓани, со горнореспираторни инфекции, кои најчесто се со вирусна етиологија.

-Во однос на симптоматологијата, имаме покачена телесна температура, кашлица, којашто може да биде пропратена со отежнато дишење кај некои пациенти, и кај одредени пациенти имаме болки во грло. Што се однесува до старосната група на пациенти, имаме пациенти од секоја возраст, дечиња кои се јавуваат на прегледи, имаме и возрасни пациенти, вели  Ташков.

Посочува дека генерални  препораки за заштита нема, бидејќи ова е сезона на вируси и настинки. Меѓутоа, една од причините е промената на температурата, односно премин од топла просторија во надворешни услови со пониска температура.

-Нема генерално некои препораки затоа што, како што кажав, знаеме дека најголем број на горнореспираторни инфекции се со вирусна етиологија, а тие вируси ни се пред сѐ сезонски вируси што преовладуваат овој период. Би го издвоил и вирусот на грип што е актуелен периодов. Кај децата имаме заболување со респираторен синцициски вирус, имаме детски бронхиолити. Нема некои генерални препораки, меѓутоа нагла промена на температура на клима, излегување од топла просторија надвор на пониска температура може да биде еден од клучните фактори коишто би го потенцирало влошувањето на симптомите, би било како индикација за да се јави ова горнореспираторно заболување, додава Ташков.

Праксата покажува дека ваквиот турбулентен период во Итната медицинска помош во Штип започнува околу Нова година и се очекува да заврши до крајот на месецов. Ташков забележува дека најголема фреквенција од пациенти имаат за време на викендите и празниците, кога матичните лекари не работат.

Марија Димитрова директор на Центарот за јавно здравје-Штип за МИА информира дека во изминатите пет дена имале и вкупно 25 тестирања за ковид 19, кои се со упат од матичен лекар. Бројката на заразени со грип ја објавуваат на неделно ниво, во понеделник ги прават анализите и ги доставуваат до Институтот за јавни здравје. вдј/цр

Остани поврзан