• петок, 22 ноември 2024

Штајнмаер до Сакеларопулу за германските репарации: За нас прашањето е правно завршено

Штајнмаер до Сакеларопулу за германските репарации: За нас прашањето е правно завршено

Атина, 30 октомври 2024 (МИА) – За нас прашањето за репарациите правно се смета за завршено, посочи претседателот на Германија Франк – Валтер Штајнмаер на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу во однос на германските репарации од Втората светска војна што Грција ги бара од Германија, јави дописничката на МИА од Атина.

Прашањето со германските репарации го покрена Сакеларопулу, која рече дека е важно за грчкиот народ и е прашање кое останува нерешено, но и дека „грчко-германското пријателство се заснова на искрен дијалог и на меѓусебно почитување“.

-Во овој дух, би сакал да го истакнам, врз основа на на соодветната одлука на грчкиот Парламент од 2019 година, големото значење што за грчкиот народ го има прашањето за воените репарации и окупацискиот заем, што останува нерешено. Како што покажува нашето заедничко присуство вчера во Музејот на Холокаустот во Солун, како и вашата утрешна посета во Кандано, потребно е искрено да разговараме за отворените рани од минатото. Нивното излекување ќе ги зајакне уште повеќе нашите билатерални односи во иднина, нагласи Сакеларопулу.

Штајнмаер изрази задоволство за вчерашната посета на Солун и поради, како што рече, „германската одговорност, со злосторствата извршени од Германците пред и за време на Втората светска војна“, но и го повтори германскиот став.

-Во однос на нашата правна позиција за прашањето за репарациите е различна и Вие тоа го знаете тоа. Нашето мислење е дека правно, ова прашање се смета за завршено. Сепак, остануваме посветени на нашата историска одговорност, не само во однос на Солун, туку и на други места. Ова беше и причината што ме поттикна да стапам во контакт со преживеаните во Солун, со Еврејската заедница и да разговараме за тоа како можеме да создадеме споменик во спомен на луѓето што беа изгубени. Ова беше и почетокот на целата идеја за создавање музеј во Солун, не само за жртвите на Холокаустот, туку и за сите жртви на германската окупација, посочи германскиот претседател. 

Германските репарации беа една од темите и на средбата на Штајнмаер со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој првично му се заблагодари на германскиот претседател што избра утре да го посети Крит и Меморијалниот музеј во Кандано, за, како што рече, „да ги препознаете со вашето присуство нацистичките злосторства што се случија на островот за време на Втората светска војна“.

- Како што знаете, за Грција, прашањето за репарациите и особено за присилниот окупациски заем, се прашања што сè уште се многу „живи“ и се надеваме дека во некој момент ќе ги решиме. Сепак, би сакал да му дадам посебна вредност на вашето присуство во Грција, на Крит. Верувам дека тоа е гест од големо значење за нас, рече Мицотакис.

Германскиот претседател на почетокот на средбата со грчкиот премиер се осврна на економијата и билатералната соработка, изрази задоволство што „Грција се врати на патот на економскиот раст“.

-Се надевам дека нашите билатерални односи, не само економските, туку и размените на културен план и меѓу двата народи ќе се развиваат во наредните години во рамките на демократска Европа, која ја претставува слободата во светот и ќе биде дел во кој вреди да се живее, посочи Штајнмаер.

Германскиот претседател во текот на денешниот ден ќе присуствува и на настан по повод 150 години од германскиот Археолошки институт во Атина и ќе го посети и центарот за прием на бегалци и мигранти во близина на грчката метропола, додека во вечерните часови грчката претседателка ќе приреди свечена вечера во чест на Штајнмаер.

Тридневната посета на Грција, германскиот претседател ќе ја заврши утре со посета на островот Крит и Меморијалниот музеј. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчката претседателка/ Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан