• сабота, 21 декември 2024

Шмит пред СБ на ОН: Властите во Република Српска сериозно го прекршуваат Дејтонскиот договор

Шмит пред СБ на ОН: Властите во Република Српска сериозно го прекршуваат Дејтонскиот договор

Њујорк, 15 мај 2024 (МИА) - Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, на седница на Советот за безбедност на ОН предупреди дека властите на Република Српска „тешко го прекршуваат“ Дејтонскиот договор, нагласувајќи дека затоа е неопходно да се одржи посилен ангажман на меѓународната заедница и на тој начин го спречи распаѓањето на Босна и Херцеговина.

Состојбата во Босна и Херцеговина е на дневен ред на редовната седница на Советот за безбедност на ОН врз основа на шестмесечниот извештај до ова тело од високите претставници на меѓународната заедница во земјата.

Во третиот извештај во својот актуелен мандат, Шмит понуди анализа на 40 страници на ситуацијата во БиХ од октомври минатата година, а во својот говор во Њујорк предупреди дека таа е влошена и покрај оптимизмот што во март го потикна одлуката на Европскиот совет да одобри отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина .

Тој ги пофали реформските напори што во март ги направија властите на БиХ, предводени од Советот на министри, на чие чело е Борјана Кришто.

Шмит кажа дека, и покрај тоа, следеле „невидени напади“ врз Дејтонскиот договор и затоа е потребно поголемо меѓународно внимание за да се зачува мирот во БиХ и да се избегне распаѓање на општеството.

-Граѓаните се плашат од војна, но сакаат да живеат во мир и стабилност, рече Шмит, додавајќи дека затоа повикува на заедничка акција за забрзување на реформите за создавање позитивна клима „чекор по чекор“.

Тој ги оцени како неприфатливи глорификацијата на воените злосторници и негирањето на геноцидот во Сребреница, по што посегнуваат политичарите на босанските Срби.

Шмит кажа и дека Дејтонскиот договор останува гарант за опстанокот на БиХ во постојните граници и рамка за соработка меѓу двата ентитета, но сето тоа, како што тврди, е загрозено од заканите од Република Српска.

-Верувам дека РС и нејзините власти сериозно го прекршуваат Дејтонскиот договор. Заканата за отцепување на РС е неуставно однесување и може да предизвика големи закани не само за Босна и Херцеговина, туку и за целиот регион, рече Шмит на седницата на Советот за безбедност на ОН. сд/

Остани поврзан