• петок, 22 ноември 2024

Шилегов: Очекувам сериозна поддршка од скопјани поради посветеноста и сработеното

Шилегов: Очекувам сериозна поддршка од скопјани поради посветеноста и сработеното
Скопје, 30 август 2021 (МИА) - Правото на граѓаните да бидат бирани и да бираат е неприкосновено право. Не е мое да проценувам дали, кој, што и како ќе гласа. Тоа граѓаните сами можат да си го проценат. Очекувам сериозна поддршка од скопјани токму заради посветеноста во којашто изминативе четири години се работеше во Градот. Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање. Шилегов нагласи дека се работело и во услови на пандемија со Ковид-19 и досега се реализирани повеќе проекти - четири нови булевари, еден мост е завршен, а втор започнат, се работи главната сообраќајна клучка на Момин Поток и најави дека утре ја започнуваат на булевар „Словенија“. -Го решивме проблемот со „Дрисла“. Почнавме системски да го решаваме проблемот со кучињата скитници. Го завршивме „бас рапид транзитот“, реконструиравме толку многу улици, формиравме многу нови паркови, зеленилото, стандардот го подигнавме. Легитимно е од моја страна да очекувам дека скопјани ќе сакаат да имаат таков посветен градоначалник во наредниот мандат, потенцира Шилегов. Одговарајќи на новинарско прашање за кандидатот за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, Шилегов изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ толку многу ги потценува скопјани. Посочи дека пред неговото доаѓање на функцијата градоначалник во Скопје имало дивеење и девијации кои, како што рече, биле креирани со со некомпетентното и нестручното раководење на Градот. -Всушност се свесни дека не можат да излезат пред скопјани со свој личен кандидат и пробуваат да ги потценат скопјани и да одиграат со т.н. независен кандидат. Не знам зошто кандидатот се срами да признае дека е од ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги потценуваат скопјани. Во секој случај, злоупотребата на т.н. независни кандидати во оваа кампања сериозно може да го девастира во општеството процесот на граѓанскиот активизам бидејќи за развој на општеството, за развој на демократијата несомнено е потребна голема активност на граѓаните преку НВО секторот, изјави Шилегов. -Вака лажното прикажување на т.н.независни или граѓански кандидати кои се срамат да признаат дека се од ВМРО-ДПМНЕ може да го девастира тој процес, додаде тој. Прашан дали имал преговори со другите албански партии, Шилегов рече дека во тек се разговорите и смета дека за Скопје се расчистени состојбите. - Ќе почекаме тоа да го соопштат претседателите на партиите кои се дел од владејачката коалиција во државата, рече Шилегов. Прашан за кандидатот за градоначалник на Скопје Петар Георгиевски – Камиказа, поддржан од Левица, Шилегов изјави дека на Скопје му е потребен континуитет, а не луѓе кои, како што рече, допрва ќе учат што и како се водат институциите. -Не е мое да го судам поведението или настапот на другите кандидати. Јас соодветно ќе настапам пред скопјани со политики коишто ќе имаат континуитет. Јас мислам дека на Скопје му е потребен континуитет, не му е потребно луѓе што допрва ќе учат што и како се водат институциите, изјави Шилегов. Прашан за обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов повтори дека влегуваме во кампања и додаде дека граѓаните ќе се изнаслушаат се за него. Смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сакаат да разговараат за се, освен за Град Скопје. -Тие така нека продолжат, јас немам намера да се занимавам со ВМРО-ДПМНЕ на овие избори. Јас имам намера да се занимавам со Скопје и со скопјани и на решавањена проблемите во нашиот град, нагласи Шилегов. мд/ки/   ..

Остани поврзан