• петок, 22 ноември 2024

Шефот на НАСА Бил Нелсон ја прифати поканата да ја посети Бугарија во октомври

Шефот на НАСА Бил Нелсон ја прифати поканата да ја посети Бугарија во октомври

Вашингтон, 8 февруари 2024 - Бил Нелсон, шефот на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) ќе ја посети Бугарија во октомври оваа година. Веста ја соопшти прес-центарот на Министерството за финансии и прецизира дека поканата за посетата ја испратил министерот за финансии Асен Василев, кој ја посети НАСА на вториот ден од посетата на бугарската владина делегација на САД. Поканата е во име на Владата.

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

„На средбата меѓу Василев и Нелсон се разговараше за можностите за продлабочување на научната соработка меѓу нашата земја и НАСА. Бугарија има компании, технологии и вселенски традиции кои можат да бидат исклучително корисни“, рече министерот за финансии. Тој потсети дека од ноември 2023 година,Бугарија е дел од договорот „Артемис“, кој е програма на НАСА и во него учествуваат 34 влади, кои работат на враќање на човекот на Месечината и проширување на вселенското истражување на Марс и други вселенски објекти.

Бил Нелсон сподели дека со нетрпение очекува да ја посети Софија наесен и му подари на министерот за финансии Асен Василев слика од познатото селфи направено од вселенското летало Орион во 2022 година. Орион е исто така дел од програмата „Артемис“.

Бил Нелсон ја води НАСА од мај 2021 година. Во својата долга кариера како конгресмен и сенатор, тој е автор на серија закони поврзани со науката и вселената. Тој се смета за еден од лидерите на американската национална вселенска програма, застапник на борбата против климатските промени и поддржувач на програми за обука во областа на високата технологија. Во 1986 година тренираше и леташе со екипажот на вселенскиот шатл „Колумбија“. За шест дена тој ја обиколи Земјата 98 пати, изведувајќи 12 медицински експерименти, вклучувајќи го и првиот американски стрес тест во вселената на лента за трчање.

Асен Василев се сретна и со поранешните американски амбасадори во Софија Марси Рис, Ерик Рубин и Ричард Мајлс.

На првиот ден од посетата на САД,  Василев заедно со министерот за енергетика Румен Радев остварија средба со секретарот на Министерството за енергетика во САД, Џенифер Гронхолм. Во фокусот на разговорите беше диверзификацијата на енергетските извори за Бугарија. Од бугарска страна беше истакната важноста на транзитниот гасен коридор Север-Југ меѓу Грција, Бугарија и Романија.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА

 

 

 

Остани поврзан