• петок, 22 ноември 2024

Шефот на израелската дипломатија итно оди во Амстердам

Шефот на израелската дипломатија итно оди во Амстердам

Тел Авив, 8 ноември 2024 (МИА) – Новиот шеф на израелската дипломатија, Гидеон Сар, наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Амстердам, по конфликтот околу фудбалскиот натпревар меѓу Ајакс и Макаби од Тел Авив одигран синоќа во рамките на Лига Европа.

- Во светло на тешките настани, министерот за надворешни работи Гидеон Сар наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Холандија, соопшти неговото министерство.

Навивачите на Макаби Тел Авив синоќа се судрија со пропалестински демонстранти пред и по натпреварот од Лига Европа меѓу нивниот тим и Ајакс пред стадионот на Ајакс во Амстердам, јавија медиумите и официјални претставници.

Холандската полиција денеска соопшти дека по судирите кои почнале по завршувањето на фудбалскиот натпревар, уапсени се 62 лица, додека пет се пренесени во болница.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утринава најави дека веднаш испраќа два авиони за да ги врати израелските навивачи дома.

Првиот авион кој треба да ги врати израелските навивачи од Амстердам по вчерашните судири денеска полета од аеродромот Бен Гурион, изјави портпаролката на управата на израелскиот аеродром. Авионот се очекува во Амстердам веќе во раните попладневни часови.

Полицијата соопшти дека покренала опсежна истрага за инцидентите.

Градските власти на Амстердам, обвинителството и полицијата претходно информираа дека ноќта по натпреварот од Лига Европа меѓу Ајакс и Макаби Тел Авив „била многу турбулентна, со неколку инциденти на насилство насочени против навивачите на Макаби.

Градските власти соопштија дека демонстрантите барале израелски навивачи за да ги нападнат по натпреварот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди како однапред смислен антисемитски напад, синоќешното насилство врз израелските навивачи во Амстердам.

Во телефонски разговор утринава со неговиот холандски колега Дик Шоф, Нетанјаху рече дека „со најголема сериозност гледа на антисемитскиот напад со предумисла врз израелските граѓани и побарал зголемена безбедност за еврејската заедница во Холандија“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

Холандскиот премиер Дик Шоф ги осуди антисемитските напади врз Израелците во Амстердам на Х, рече дека е ужаснат и оти тоа што се случи е неприфатливо.

- Во близок контакт сум со сите инволвирани. Нетанјаху инсистираше сторителите на тие дела да бидат пронајдени и кривично гонети, напиша Шоф и рече дека во Амстердам сега е мирно.

Судири, според извештаите, избувнале иако градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, ги забранила демонстрациите, стравувајќи дека може да дојде до судири со навивачите на израелскиот фудбалски клуб.

На денот на натпреварот во Амстердам вчера биле распоредени голем број полицајци. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан