• понеделник, 23 декември 2024

Шефовите на дипломатиите на Кина и Јапонија на прва средба во Пекинг по три години

Шефовите на дипломатиите на Кина и Јапонија на прва средба во Пекинг по три години

Пекинг, 2 април 2023 (МИА) - Јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши, денеска ја оствари првата посета на еден јапонски државник на Кина по цели три години и притоа во Пекинг се сретна со неговиот нов кинески колега Чин Ганг.

Двете страни однапред јасно го покажаа својот интерес за подобрување на односите, што се затегнати поради многу спорни територијални прашања.

Последната посета на јапонскиот министер за надворешни работи на Кина беше пред пандемијата, на крајот на 2019 година, а последната средба лице в лице меѓу министрите за надворешни работи на двете земји беше на крајот на 2020 година.

Има сериозни разлики во мислењата во однос на територијалните претензии на Кина во Источното Кинеско Море, тесната соработка на Јапонија со САД и зајакнувањето на јапонската војска.

Двете земји, исто така, не се согласуваат и околу новите ограничувања на јапонскиот извоз на опрема за производство на полупроводници и испуштањето на контаминирана вода за ладење од оштетениот нуклеарен реактор Фукушима во морето.

Покрај тоа, неодамнешното апсење на вработен во јапонската фармацевтска компанија Астелас под обвинение за шпионажа во Кина ги заостри односите.

Посетата на шефот на дипломатијата ја договорија кинескиот лидер Си Џинпинг и јапонскиот премиер Фумио Кишида за време на разговорите на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Бангкок, во ноември.

Двете страни, исто така, во петокот воспоставија телефонска линија, што беше планирана со години, за да се избегнат можни недоразбирања во случај на инциденти, јави јапонската новинска агенција Кјодо. сд/

Остани поврзан