• понеделник, 23 декември 2024

Шаќири: Вмрежувањето меѓу германски и македонски институции и компании е пример за одличната соработка помеѓу двете земји

Шаќири: Вмрежувањето меѓу германски и македонски институции и компании е пример за одличната соработка помеѓу двете земји
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Соработката меѓу компаниите секогаш придонесува за размена на идеи и искуства, а посебно кога станува збор за соработка на домашни и странски професионалци во своето поле на дејствување. Досегашната соработка меѓу Северна Македонија и Германија ни дава за право да се надеваме на поголем развој на нашата економија и општество. Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната хибридна средба за вмрежување меѓу германски и македонски институции и компании, посочувајќи дека тоа е одличен пример за соработката помеѓу двете земји. Како што соопшти Министерството за образование и наука, Шаќири изрази благодарност до Владата на Сојузна Република Германија. - Огромна благодарност за подадената рака од Владата на Сојузна Република Германија, која помогна нашите средни стручни училишта да го преземат моделот на учење преку работа, односно дуалното образование, кое изминативе неколку години бележи огромен напредок и предизвика зголемен интерес, не само кај учениците, туку и кај компаниите кои увидоа дека преку инвестирање во образованието, полесно обезбедуваат квалитетен и обучен кадар, кој веднаш по завршување на средното училиште е подготвен да се вклучи во работните и организациски процеси, потенцира Шаќири. Обезбедувањето квалитетен кадар, рече Шаќири, носи придобивки за македонските и европските претпријатија, придонесува за развој на техниката и технологијата, со што се олеснува и функционирањето во одредени гранки. Министерот Шаќири изрази благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка во Северна Македонија (ГИЗ), кое години наназад спроведува програми за професионална квалификација на потенцијалните млади професионалци од земјава, чија цел е решавање на два големи проблеми, односно невработеноста кај младите и недостатокот на квалификуван кадар. - Верувам дека денешната средба ќе биде од големо значење за нашите училишта и компании кои се подготвени да се стекнат со знаења и обуки од познати институции и компании од Германија и да ги применат во секојдневното работење, изјави Шаќири. мд/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан