• сабота, 21 декември 2024

Шабани: Решението за проблемот со хируршките сали е привремено, листата на чекање ќе се зголемува

Шабани: Решението за проблемот со хируршките сали е привремено, листата на чекање ќе се зголемува

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Од средата е почнато со помали интервенции кои траат пократко и засега не е забележан никаков проблем во смисла со будење и постоперативен третман на пациентите, изјави хирургот уролог Башким Шабани во врска со проблемот со компримираниот воздух и кислородот што ги затвори хируршките сали на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма д-р Шабани рече дека засега се наоѓа привремено решение, но тоа не е трајно. 

-По три недели се враќаме во некаква нормала, од средата почнавме со неколку хируршки интервенции, ќе видиме како ќе биде понатаму, рече Шабани.

Според него, листата на чекање ќе се зголемува и поради претстојните годишни одмори.

-На листата на чекање моментно има околу 50-60 пациенти. Јас како хирург имам три-четири зафати, цела Урологија конкретно има околу 40 зафати неделно... Здравствениот систем во Македонија, за жал, е централизиран и најголемиот дел од хируршките интервенции се прават во Скопје, истакна Шабани.

Додаде дека во моментот не може да се направи план како да се решава листата на чекање, бидејќи за техничкиот проблем со работа на салите е најдено „некое привремено решение“.

-Како ќе биде не знаеме. Се наоѓаме во време на промена на влади, можеби и тоа малку влијае, меѓутоа мислам дека треба да се постапи за што побрзо решавање на тој проблем, рече хирургот уролог. хс/са/ 

Фото: принтскрин / ТВ Телма

Остани поврзан