• понеделник, 23 декември 2024

Човек прогласен невин откако по грешка минал 38 години в затвор во САД

Човек прогласен невин откако по грешка минал 38 години в затвор во САД

Лос Анџелес, 2 март 2023 (МИА) - Суд во Лос Анџелес денеска го прогласи Морис Хејстингс за невин, откако тој минал повеќе од 38 години в затвор за убиство во 1983 година што не го извршил.

Морис Хејстингс беше ослободен од обвинењнието лани врз основа на нови ДНК-докази што укажуваат на друг осомничен. Судот ја укина пресудата на барање на обвинителот од Лос Анџелес и адвокатите на Хејстингс, а тие побараа и дополнително да го прогласат за невин.

Пресудата сега гласи дека Хејстингс е „фактички невин“, што значи дека постојат уверливи докази дека тој не го извршил делото.

Жртвата во овој случај, Роберта Вајдермајер била сексуално нападната и убиена со еден истрел од пиштол во главата, а нејзиното тело било пронајдено во багажникот на нејзиното возило во градот Инглвуд, близу Лос Анџелес.

Хејстингс во 1988 година беше осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување. Но, во 2000 година тој побара ДНК-тест на спермата пронајдена кај жртвата. Обвинителството го одби првото барање, а во 2021 година следеше ново барање. Во јуни лани форензичарите утврдија дека спермата не е негова.

Хејстингс, кој имаше 69 години кога беше ослободен минатиот октомври, изјави дека се молел за денот на неговата слобода.

- Не стојам пред вас како огорчен човек, само сакам да уживам во мојот живот сега кога го имам, рече тогаш Хејстингс.

Новосомничениот, Кенет Пакнет починал в затвор во 2020 година, според обвинителите.  си/сд/

Остани поврзан