• понеделник, 23 декември 2024

Членови на ПСК ,,Голак" го искачија врвот Омар

Членови на ПСК ,,Голак

Делчево, 24 март 2024 (МИА) - Планинарскиот спортски клуб „Голак" од Делчево продолжува со активностите за посета и промоција на врвови локалитети и интересни места кои се малку познати во Општина Делчево и пошироко во областа Пијанец. За таа цел денеска реализираа кружна планинарска маршрута за искачување на врвот Омар на Осоговските Планини кој се наоѓа на 1200 метри надморска висина.

-Денес, членови на ПСК „Голак" Делчево меѓу кои имаше наши пријатели членови од градот Софија, Бугарија, направивме една кружна планинарска маршута за искачување на врв Омар (граничен камен 82) на 1200 м.н.в. на Осоговските планини. Маршутата беше кружна и започна од Црквата Св.Петка во селото Селник, попатно групата поминуваше низ повеќе маала како Папунска и Ташовска Маала, продолжувајки кон Караула Селник, месноста Марин Камен, Букарска Маала, Црвена Киселица за да дојдеме до крајната дестинација врвот Омарз информираше Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак" Делчево.

Планинарите во рамки на денешниот планинарски марш поминале вкупно 16 километри.

-За врв Омар карактеристично е што се наоѓа на самата гранична линија помеѓу Македонија и Бугарија, односно тоа е граничен камен 82 од времето на Социјалистичка Република Југославија и Народна Република Бугарија. На самиот врв се наоѓа првиот Каракол (стражарница) кој е прв Каракол, а ги има 10 на број, последниот завршува на Царев Врв (Султан Тепе) на 2085 м.н.в. Тие се градени од 1920 - 1930 година за време на Кралство Југославија, додаде Чучуковски.  

Според претседателот на делчевскиот клуб во рамки на оваа маршута се наоѓаат повеќе маали, реки, извори на вода, мешана шума од каде има преубав поглед кон цел град Делчево, како и кон Пијанечка (Делчевска) Котлина. вс/ев/

 

Остани поврзан