• петок, 22 ноември 2024

Чешкиот претседател стравува дека договорот меѓу Трамп и Путин ќе биде на штета на Европа

Чешкиот претседател стравува дека договорот меѓу Трамп и Путин ќе биде на штета на Европа

Прага, 9 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Чешката Република, Петр Павел, синоќа, на отворањето на Прашкиот одбранбен самит, изјави дека надежите дека идниот американски претседател Доналд Трамп ќе може брзо да го реши конфликтот во Украина, како што вети, се нереални и предупреди дека веројатниот договор со рускиот претседател Путин ќе биде  на штета на Украина и Европа.

-Многу земји се надеваат дека Доналд Трамп ќе донесе промени, особено затоа што тој зборува за решавање на конфликтот за 24 часа. Тоа е нереално, но мислам дека ќе вложи напори да се договори со Путин. Тоа веројатно нема да биде во наш интерес или во интерес на Украина, рече Павел на дебатата на почетокот на тридневната конференција.

Чешкиот претседател, инаку пензиониран генерал и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, рече дека е неопходно да се почекаат конкретни потези кога Трамп ќе дојде во Белата куќа, бидејќи она што во моментов се дознава за мировниот план од советниците на Трамп изгледа како обично предавање на Русија на териториите што ги окупираше со забрана на Украина да се приклучи кон НАТО во следните 20 години, истовремено пренесувајќи ја одговорноста за евентуалната голема демилитаризирана зона на Европа.

-Резултатот е привремено отцепување на некои територии и воспоставување административна граница во конфликтот додека не успееме да постигнеме дипломатско решение, рече Павел.

Чешкиот претседател предупреди дека ситуацијата на бојното поле, каде Русија има предност, е таква што е тешко да се мотивираат завојуваните страни на преговори.

-Досега немаше никакви предлози за преговори. Ниту рускиот предлог ниту украинскиот план за целосна победа не беа предлози за преговори. Ниту Кина презентираше конкретен план за преговори, рече Павел и предупреди дека во мировните иницијативи треба да бидат вклучени и Индија и Кина, за да извршат притисок врз Русија.

Чешкиот претседател смета дека сегашната предност на Русија на бојното поле е резултат на бавната и слаба почетна поддршка на Западот за Украина кога Русија нападна.

-Руската агресија против Украина не е само уште еден конфликт во серија, туку го редефинира меѓународниот поредок и е од клучно значење не само за Украина, туку и за меѓународните принципи како суверенитет и територијален интегритет. Поддршката за Украина не смее да ослабне, рече чешкиот претседател.

Според него, трансатлантските врски се неопходност за светот да се соочи со предизвиците и заканите на авторитарните држави како Русија, Северна Кореја и други.

-Ја повикав Кина да игра поактивна улога. Да се ​​биде светска сила не само што носи придобивки, туку значи и одговорност, рече Павел.

Претседателот на Чешка апелираше Европа да не ги чека потезите на новата американска администрација, туку веќе сама да почне да учи дека мирот зависи од силна одбрана, дека отстапките заради мирот секогаш се само покана за натамошна агресија, и дека неговата безбедност не е загарантирана со самиот факт дека постои НАТО.

-Европа мора да инвестира повеќе во одбраната. Два проценти од БДП едноставно не се доволни. Европа ќе мора да направи повеќе без оглед на исходот од американските избори. Со Трамп можеме да го направиме тоа побрзо, рече Павел.сд/

фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан