Четири позитивни резултати на африканска свинска чума кај диви свињи во Делчевско
- Четири позитивни резултати на африканска свинска чума кај диви свињи во Делчевско регистрираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарн
Делчево, 18 март 2022 (МИА) - Четири позитивни резултати на африканска свинска чума кај диви свињи во Делчевско регистрираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје. Од Агенцијата за храна и ветеринарство за МИА информираат дека станува збор за мостри од отстрелани диви свињи пронајдени во реонот на делчевското село Драмче.
- Мострите се пронајдени во рамки на акцијата за засилен отстрел, кој согласно последното Решение за спроведување на контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите кое го донесе АХВ, а од страна на ловните друштва ќе се спроведува до крајот на овој месец, посочија од АХВ.
Потенцираат дека имајќи предвид дека претходно во Делчевско беше пронајдена африканска чума и кај домашните свињи, на сила остануваат мерките за спроведување на засилен пасивен надзор на болеста на целата територија на земјава, односно на одгледувалиштата, во големите свињарски фарми и во ловиштата.
- Ловните друштва треба еднаш неделно да вршат пребарување на ловиштата за пронаоѓање на угинати диви свињи, а од секоја угината дива свиња која ќе биде пронајдена задолжително треба да се прати мостра за лабораториско испитување за утврдување на присуство на вирусот на африканска чума кај свињите. За лабораториско испитување треба да се испрати и мостра од секоја застрелана дива свиња, а месото ќе може да се консумира само откако ќе се добие негативен резултат оданализата за утврдување на присуство на вирусот, посочија од Агенцијата за хтана и ветеринарство.
Во текот на ловот од АХВ напоменаа дека мора да се почитуваат биосигурносните мерки при лов, обработката на месото од застреланите диви свињи треба да се врши исклучиво во строго определени градежно уредени објекти/простори за расекување, обработка и чување на труповите. Одгледувачите на свињи пак како што додаваат треба задолжително да ја следат здравствената состојба на свињите во фармите и за секоја промена да го информираат официјалниот ветеринар или надлежното ветеринарно друштво.
- Големите фарми и понатаму имаат обврска од секоја угината свиња да испратат мостри за лабораториско испитување. На сила останува забраната за прихранување на диви свињи, освен за намамување за отстрел, како и работата на добиточните пазари, организирање на изложби и други настани во присуство на животни од видот свињи, додадоа од АХВ.
Согласно Решението, одгледувачите мора да ја почитуваат и забраната за чување на свињи на отворено, како и за колење на свињи во домашни услови.
- Комерцијалните фарми и некомерцијалните одгледувалишта во високоризичната зона во која влегуваат општините во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија, заклучно со 1 април треба да воспостават високи биосигурносни стандарди, односно доколку истите не се категоризираат како одгледувалишта со низок или среден ризик, кај нив ќе се спроведе мерка за депопулација на трошок на одгледувачите, додадоа од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во однос на тоа кога повторно ќе може да се одгледуваат домашни свињи на местата каде беше извршена депопулација, од АХВ велат дека повторно населување (репопулација) во одгледувалиштата на свињи согласно решението, е дозволено по укинување на наредените мерки за контрола и ерадикација на болеста, само во одгледувалишта кои се категоризирани со низок и среден ризик.
- Доколку се утврди дека е вршена репопулација пред укинување на наредените мерки, или репопулацијата е извршена во нерегистрирани одгледувалишта односно одгледувалишта кои се категоризирани со висок ризик, но и ако се затекнат свињи без доказ за потеклото (неидентификувани и без сертификат за здравствена состојба) ќе се изврши нивно одземање, убивање и нештетно отстранување без надомест, на товар на одгледувачот, посочија од АХВ.
Со решението од 04.03.2022 година, АХВ ги укина заштитната (3 км) и зоната под надзор (10 км) околу двете жаришта во делчевското село Драмче, каде успешно беа спроведени мерките за ерадикација (убивање и нештетно закопување на свињите во заштитната зона) и депопулација со економско искористување на месото во зоната под надзор и другите мерки за заштита, дефинирани во претходно донесените решенија.
Во однос на исплатата на сточарите за одземените и убиени животни во рамки на донесените мерки за ерадикација и депопулација, од АХВ информираа дека ги разгледува поднесените барања и тие ќе бидат исплатени во најбрз рок.вс/фф/