• недела, 22 декември 2024

Четири нови бајки по повод десет години од „Браво сине!“

Четири нови бајки по повод десет години од „Браво сине!“

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Со промоција на четири нови современи бајки од млади автори и илустратори, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ - „Браво сине!“ денеска одбележа десет години од своето постоење.

Станува збор за бајките „Океанија“ од авторот Мартин Миљев и илустрирана од Орце Нинески, „Луѓето и змејовите“ од авторот Владо Јаневски со илустрации од Ем Елефантски, „Детето на месечината“ од авторката Јана Глигороска со илустрации на Јована Велинова-Трајанова и бајката „Зелда и Фе и болниот змеј“, чиј автор на текстот и илустрациите е Катерина Трајановска.

Бранка Бугариска, главен уредник во „Арс Ламина“ за време на денешната промоција изјави дека создавањето на автентична жива култура преку нови книги е една од главните цели на оваа издавачка куќа.

-Преку партнерството со „Браво сине!“ успеавме да создадеме шанса за многу млади автори, но и да издадеме уникатни дела што доживеаја огромен успех кај домашната и интернационалната читачка публика. Во рамките на оваа соработка успеавме не само да дадеме конечен изглед на креативноста на младите автори туку и да создадеме нова генерација на илустратори и автори кои го градат својот автентичен стил, кој истовремено е претставен и пред глобалната читачка публика. Ќе продолжиме да ги поттикнуваме младите креативци и најавуваме уште многу нови проекти заедно, порача Бугариска.

Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Сите избрани авторски трудови на овие конкурси излегоа во печат и се парично наградени. Заедно со четирите најнови современи бајки со кои се одбележува десетгодишниот јубилеј, вкупно се издадени 80 бајки од земјава, како и четири басни исто така од нашата држава. 

Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор и основач на „Браво сине!“ порача дека овие дела ќе живеат подолго од нас, како влог за следните генерации.

– Со гордост можеме да кажеме дека нашите зацртани цели, на кои работиме со огромен ентузијазам, се постигнати. Нашата визија е да го одбележиме ова време, давајќи го својот генерациски придонес, а во чест на големиот креативец – Иво Лауренчиќ, да ја поттикнуваме креативноста, наместо просекот, да ја препознаваме и да ѝ дадеме облик на трајната вредност. Поврзувајќи го традиционалното творештво со новата естетика, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Среќни сме со постигнатото досега, но ние не застануваме. Цела генерација млади креативци и автори излегоа на виделина и го најдоа своето професионално место. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Последниве две години работиме на нови, современи бајки од Македонија, бајки од новото време, додаде Пеева Лауренчиќ.

Во изминатиот период „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“ ги реализираше проектите „Бајки од Македонија“, а потоа и проектите „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“, „Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“.бт/лв/

 

Остани поврзан