• недела, 22 декември 2024

Четири грчки опозициски партии доставија предлог за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Четири грчки опозициски партии доставија предлог за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Атина, 26 март 2024 (МИА) – Пратениците од пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода попладнево до Парламентот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата на Кирјакос Мицотакис, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, а расправата на пленарна седница ќе започне вечерва и ќе заврши со гласање в четврток на полноќ, јави дописничката на МИА од Атина. 

Текстот во весникот „То вима“ за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада. 

-Денеска преземам клучна институционална иницијатива, бидејќи веќе ѝ стана навика на Владата на Нова демократија, систематски да го поткопува владеењето на правото во земјата. Во низа скандали го живееме истото: корупција, прикривање, неказнивост. Во секој скандал, во секој владин неуспех, вашиот политички избор е да ја скриете вистината, наместо да тргнете по тешкиот пат на одговорност, порача лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис на почетокот на неговото обраќање во Парламентот, истакнувајќи дека грчкиот народ бара отчет од одговорните.

Предлогот за гласање недоверба е потпишан од 85 пратеници (од вкупно 300 во Парламентот) и е поддржан од ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а во него детално се објаснети причините за одлуката.

Потписниците се осврнуваат на сето она што следеше по железничката несреќа и како Владата управуваше со целиот случај, упатувајќи ѝ критики и обвинувања.

-Во методичниот обид да се прикрие вистината за трагедијата кај Темпи, сега се додаваат нови податоци кои покажуваат промена на разговорите на одговорниот на железничката станица со машиновозачите во Лариса ноќта на трагедијата, со цел да се зголеми, според приказната на Владата, човечката грешка како единствена причина за судирот и со тоа да се намалат постоечките владини одговорности во однос на состојбата на железничката мрежа, пишуваат потписниците на предлогот за гласање недоверба на Владата.

Дополнително обвинуваат дека Владата континуирано го деградира владеењето на правото, ја поткопува самата демократија и ја разнишува довербата на граѓаните кон политиката, институциите и правдата

-Ова, досега невидено, дискредитирање на владеењето на правото и институциите од страна на Владата не може да продолжи. Управувањето со земјата повеќе не може да биде оставено во рацете на Влада која систематски ја поткопува демократијата и нејзините институции и која за да ја задржи власта и да ги заштити нејзините функционери, не се колеба да го поткопа секој обид за расчистување на трагедијата со многу жртви, дефокусирајќи ја јавноста и стигнувајќи до точка да фалсификува докази за да го гарантира нејзиниот политички опстанок, пишуваат пратениците од четирите опозициски партии.

Откако предлогот за гласање недоверба на Владата беше доставен до претседателот на Парламентот Константинос Тасулас и беше одобрен со оглед на тоа дека ги исполнува условите за минимум 50 потписници, тридневната расправа ќе започне веднаш.

Тасулас објасни дека пратениците ќе расправаат денеска, утре и в четврток кога најдоцна до полноќ треба да се одржи гласањето.

Речиси невозможно е предлогот на опозициските партии да биде изгласан, со оглед на тоа што за Владата да ја загуби довербата потребно е да гласаат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот, додека пак владејачката Нова демократија има мнозинство од 158 пратенички места. ср/ссм/

Остани поврзан