• недела, 22 декември 2024

Честитка од МД „Илинден“ - Тирана по повод 23 Октомври

Честитка од МД „Илинден“ -  Тирана по повод 23 Октомври

Тирана, 23 октомври 2023 (МИА) - Македонското друштво „Илинден" - Тирана по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до сите Македонци со желби за мир, благосостојба и подобра иднина.

-Од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатуваме честитки, по повод големиот празник, 23 октомври, Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, која е олицетворение на македонскиот непокор. Овој голем национален празник е потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина. Да го почитуваме и славиме овој голем ден, се наведува во честитката.

Честитајќи им го денот, на сите Македонци каде и да се на земјината топка, друштвото потсетува дека Денот на македонската револуционерна борба е „еден од трите светли датуми кои го одбележаа векот за обнова на македонската државност“.

-На овој ден, пред 130 години во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. Нека е вечен и вековит Денот на македонската револуционерна борба, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. вт/мч/

фото: МИА архива

Остани поврзан