Честитка од МАЕИ и МД „Илинден" по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
- Единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и Македонското друштво „Илинден" упатија честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба до сите Македонци во Албанија, Македонија и ширум светот.
Дебар, 23 октомври 2025 (МИА) - Единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и Македонското друштво „Илинден" упатија честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба до сите Македонци во Албанија, Македонија и ширум светот.

-Овој значаен ден не потсетува на 1893 година, кога со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) започна организираната борба за ослободување и обединување на Македонија. Тоа беше почеток на една славна страница во историјата на македонскиот народ – страница исполнета со пожртвуваност, идеали за слобода, правда и зачувување на македонскиот идентитет, стои во честитката на МАЕИ.
Се посакува „оваа светла дата да нè потсети и охрабри во нашите денешни напори за зачувување и унапредување на македонската култура, јазик и традиција", како и за "јакнење на националната свест и единството меѓу Македонците, каде и да се наоѓаат".
-Додека се сеќаваме на сите оние кои го положија својот живот за Македонија, да се обединиме околу истите вредности – слобода, достоинство и солидарност. Честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба! Да живее македонскиот народ, стои во честитката на МАЕИ, потпишана од Васил Стерјовски, лидер на партијата.
МД „Илинден" честитајќи го Денот, потсетува на формирањето и стремежот на организацијата за „ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор".
-Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава. Да е вечен македонскиот револуционерен идеал, да го почитуваме и славиме овој голем ден, стои во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото. вт/дма/
Фото: МИА архива