• понеделник, 23 декември 2024

Чествување на 11 Октомври во Прилеп со пораки да не се заборави минатото и да се гради иднината

Чествување на 11 Октомври во Прилеп со пораки да не се заборави минатото и да се гради иднината

Прилеп, 11 октомври 2024 (МИА) - Со поклон и почит пред моштите на загинатите борци кои се во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп, бројни делегации го означија чествувањето за празникот 11 Октомври - Денот на народното востание.

Според Рубинчо Белчески, претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, тој победнички истрел кој се случил во Прилеп на 11 октомври 1941-та година не бил само симболичен чин. Тоа било автентично сведоштво на определбата на македонскиот народ да се истрае на Балканските ветришта и од почетокот на борбата до денот на победата- 9 мај во 1945 година, да биде на страната на антихитлеровската коалиција. Белчески испрати порака до новите генерации да се почитува историскиот влог на борците.

-До новите генерации порачуваме да ја почитуваат државата, да ја почитуваме историјата, да ги почитуваме борците, бидејќи без минато нема иднина. Ако знаеме дека минатото дало многу жртви, и од тоа мора многу да учиме, а во иднината да ги применуваме позитивните аспекти од минатото, да ги паметиме и да не ги повториме грешките од минатото, изјави Белчески.

Владината делегација ја предводеше министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Тој рече дека нашата обврска е да ја одржуваме традицијата и да ги градиме добрососедските односи, зачувувајќи ја државата.

-Денеска сме овде да ја зачуваме традицијата, да се потсетиме на минатото кое, практично е водилка и за иднината. Градиме единство, Македонија низ годините била кон непокор за да го има она што е денеска. Нашата обврска е да продолжиме да ја градиме традицијата, да ги одржуваме и сите добрососедски односи, но и нормално, да ја зачуваме нашата Република Македонија, изјави Трипуновски.

Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, Прилеп – градот херој гордо стои како споменик на непокорот, храброста и борбата за слобода.

-Се навршија 83 години од почетокот на борбата против фашистичката окупација во Македонија го покажува духот на нашиот народ кој ни остава една традиција да се надградуваме, односно секогаш со сплотеност и сложност да можеме да се спротивставиме на сите предизвици кои ја затекнаа нашата Македонија. Со изразувањето спомен за минатото не прекинуваме, туку продолжуваме со нашите обврски за сегашноста и за иднината, рече Јовчески.

На чествувањето присуствуваа и гости од повеќе здруженија на Словењнија, Хрватска и Србија, почитувачи на придобивките одпоранешната заедничка држава, СФРЈ нагласувајќи дека треба да продолжи соработката меѓу државите на Балканот.

-Денеска дојдовме со вас да го увеличиме вашиот празник и да ве поздравиме. Ја пренесуваме заложбата за трајното наследство од минатите времиња, а тоа е борбата против фашизмот. Тука се претставници од Ју-центарот „Тито“ од Белград и антифашистите од Словенија. Ова ново време бара нови облици на соработка, но постојат и темелни вредности. Сметаме дека темелна вредност е антифашизмот. Без тоа нема напредок. А постојат повеќе облици за соработка – култура, технологија, стопанство преку кои мора да соработуваме, рече Мио Миљак, потпретседател на здружението „Јосип Броз Тито“ од Пула, Хрватска.

Прилеп во Народното востание дал 650 борци и 10 народни херои. Уште пет народни херои што ги дал градот починаа по Ослободувањето за што се подготвува проект во Алејата на народните херои за покрај 10-те бисти да се постават уште пет.ем/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан