• понеделник, 23 декември 2024

Чесите денеска и утре излегуваат на регионални избори и покрај поплавите

Чесите денеска и утре излегуваат на регионални избори и покрај поплавите

Прага, 20 септември 2024 (МИА) - Чесите денеска од 14 часот и утре наутро, и покрај поплавите, излегуваат на гласање на регионални и вонредни избори за третина од Сенатот на чешкиот Парламент.

Изборите се одржуваат во момент кога се уште е на сила вонредна состојба поради поплавите во два од 14-те региони што ги има Чешка, Моравско-шлезискиот и Оломуц на исток и југ од Моравија. Некои поплавени општини бараат изборите да се одложат.

Меѓутоа, Владата нема правна основа да прогласи вонредна состојба во целата држава, што е неопходно за одложување на изборите, бидејќи поплавите зафатија само мал дел од територијата, ниту формална, бидејќи само некои општини побараа одложување, но не и регионот, како што е пропишано со закон.

Советниците на регионалните собранија во 13 региони, освен во Прага каде регионалните избори се одржуваат заедно со локалните избори, ги избираат Чесите според пропорционалниот изборен систем, а избраните советници потоа, без разлика кој победил поединечно, формираат коалиции и избираат регионални претседатели.

На овие избори Чесите можат да гласаат за еден од 8.280 кандидати од 87 партии, движења и коалиции, а со оглед на тоа што за регионални избори е мал интересот и најмногу го копираат расположението на гласачите за парламентарни избори, фаворит е најсилната партија во Чешка, опозициската АНО на поранешниот чешки премиер, милијардерот Андреј Бабиш.

Првиот круг од изборите за 27 од вкупно 81 сенатор во Горниот дом на Парламентот ќе се одржи денеска и утре на третина од територијата на Чешка, според мнозинскиот изборен систем, а вториот круг, каде никој од кандидатите нема да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе се одржи за една недела. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан