• сабота, 21 декември 2024

Челесте Фејзо, експертка од OpenAI оддржа тренинг за 25 млади домашни претпиемачи

Челесте Фејзо, експертка од OpenAI  оддржа тренинг за 25 млади домашни претпиемачи

Скопје, 14 ноември 2024

 

Во организација на Асоцијација за е-трговија во С. Македонија, со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, вчера се одржа практична обука со ChatGPT за унапредување на дигиталните вештини. На работилницата учествуваа 25 млади претприемачи, преставници на стартапи и студенти од целата држава. Работилницата имаше за цел да им овозможи на учесниците да ги разберат основните концепти на вештачката интелигенција, да ги истражат алатките и технологиите, со фокус на ChatGPT, и да учествуваат во практични вежби за стекнување практично искуство за негово користење.

Работилницата беше водена од Челесте Фејзо, експертка од OpenAI - компанијата креатор на ChatGPT. Таа зборуваше за своето искуство со ChatGPT и за неговото влијание врз бизнисите во реалниот свет. За време на работилницата ги поттикна учесниците да развиваат идеи за иновативни решенија со помош на вештачката интелигенција за справување со предизвиците во е-трговијата. „Возбудливо е да се посведочи брзиот раст во областа на вештачката интелигенција во Северна Македонија. За нашиот регион мислам дека е клучно да размислуваме глобално, за да можеме да го извлечеме најдоброто од земјите кои се поискусни и да го имплементираме во локален контекст.“, истакна Фејзо, која по потекло е од соседна Албанија.

Поттикнувајќи ја креативноста и соработката, учесниците заеднички го истражуваа потенцијалот на вештачката интелигенција за подобрување на искуствата на клиентите и деловните операции. „Денешната работилница ми помогна да го видам персонализираниот пристап во користење на алатките со вештачка интелигенција и моделите кои постојат на пазарот. Токму алатката која ја користиме во Boksy би ja направиле поперсонализирана со знаењето кое го добивме денес“, изјави Ивана Каралиева, основач на стартап компанијата Boksy и учесник на обуката.

Обуката се одржа веднаш по 7-мата годишна Конференција за е-трговија, која имаше над 700 учесници од целиот Балкан и се фокусираше на актуелни трендови во е-трговијата, поврзани со логистика, електронско плаќање, дигитален маркетинг и прекуграничен раст на бизнисите. „Tехнологиите за вештачка интелигенција ја трансформираат е-трговијата. Драго ни е што, со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и Швајцарската програма за претприемништво, ја поддржавме младата генерација на претприемачи и студенти да научат како подобро да ја искористат моќта на вештачката интелигенција за да го забрзаат нивниот деловен успех во конкурентниот сектор за е-трговија.“, истакна Марија Ристовска, Проект менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, организатор на обуката.

Работилницата „Отклучување на потенцијалот на вештачка интелигенција: Практична обука со ChatGPT “ беше организирана во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC), во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум.

Асоцијација за е-трговија во С. Македонија  и УСАИД 

Фото: Асоцијација за е-трговија во С. Македонија  и УСАИД 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан