• петок, 22 ноември 2024

„Чекор по чекор – за професионален развој" - проект на гимназијата „Методи Митевски-Брицо" од Делчево

„Чекор по чекор – за професионален развој
Делчево, 19 септември 2022 (МИА) - Делчевската гимназија „Методи Митевски-Брицо" почна со реализација на проектот „Чекор по чекор – за професионален развој"  во рамките на програмата Еразмус+, поддржана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Главни цели на проектот, како што истакна директорката Дијана Цонева, се зголемување на стручните знаења и вештини на учениците од текстилно-кожарската и хемиско-технолошката струка.
-Меѓу другото, целите се насочени кон поттикнување на нивната желба за учење и професионален развој во областа на производството, адаптација на наставната програма во текстилно-кожарската и хемиско-технолошката струка во поглед на новите тенденции во областа на технологиите, воспоставување на одржливи партнерства со докажани странски компании на меѓународниот пазар и реализирани придобивки за локалната заедница. Станува збор за проект од клучна акција 1- КА122-ВЕТ- Краткорочни проекти за мобилност на ученици и вработени/кадар во полето на стручно образование и обука, рече Цонева.
Со реализацијата на проектот од делчевската гимназија очекуваат да се мотивираат младите луѓе да продолжат професионало да се развиваат и да го развијат претприемачкиот дух.
-Како образовна инсттитуција се стремиме да го подобриме образовниот процес, но сметаме дека неопходно е да се воведат дополнителни мотивирачки аспекти за професионален развој на професорите, а тоа ќе се случи доколку ние како институција овозможиме континуирана обука, вклучително и во странство, преку учество на училиштето во меѓународни проекти и преку создавање  партнерска мрежа со бизниси од цела Европа, додадоа од гимназијата.
Во рамки на Еразмус+ проектот организирани се две мобилности кои ќе се реализираат во времетраење од две седмици во Република Бугарија, при што учесниците ќе бидат дел од секојдневниот процес на работа, ќе помагаат во полесни задачи и ќе бидат обучувани од супервизори кои се вработени во фирмите и имаат долгогодишно искуство во работата.
По завршувањето на двете мобилности, предвидени се активности за одржливост на резултатите од проектот, како во рамките на делчевското училиште, така и во локалната заедница. вс/хс/

Остани поврзан