• петок, 30 август 2024

ЦУК: Девет пожари на отворено низ државава до 14 часот

ЦУК: Девет пожари на отворено низ државава до 14 часот

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - До 14 часот денеска, имало вкупно девет пожари на отворен простор. Од нив, во моментов, пет се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во општина Чашка гори мешана шума, на лозовска територија опожарена е борова шума, а во штипскиот регион горат нискостеблеста шума и сува трева.

Последните два активни пожара се во општина Студеничани. Едниот е над селото Црвена Вода, кај место викано „Крста“, опожарени се ниска вегетација и нискостеблеста шума. Другиот е меѓу селата Горно Количани и Љубош, кај каменолом Вртекица, каде пожар зафатил ниска вегетација.

Под контрола, според соопштеното, е пожарот на планината Галичица на територија на општините Охрид и Ресен.

Изгаснати се три пожари - еден во подрачјето на кумановската Спомен костурница, два на територија на општина Струга. На трите места горела сува трева. бд/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан