• понеделник, 23 декември 2024

ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западниот Балкан заеднички ќе го зајакнуваат гласот на бизнис секторот

ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западниот Балкан заеднички ќе го зајакнуваат гласот на бизнис секторот

Брисел, 29 април 2024 (МИА) - Секретаријатот на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западниот Балкан (ВБ6 ЦИФ) во Брисел потпишаа Меморандум за разбирање насочен кон соработката со деловните субјекти и зајакнување на нивната улога во регионалната економска интеграција.  

Меморандумот има за цел да ги постави основите за посилна соработка и размена на информации кои ќе поттикнат создавање на заеднички регионален пазар под закрила на Берлинскиот процес и со него двете страни ја покажуваат својата посветеност за промовирање на ефикасни трговски текови меѓу членките на ЦЕФТА и поттикнувањето на регионалната економска интеграција.  

Со координирање на напорите, Секретаријатот на ЦЕФТА и ВБ6 ЦИФ имаат за цел да го поддржат навременото и ефикасно спроведување на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар и Планот на Европската комисија за раст за Западниот Балкан, поттикнувајќи го усогласувањето на земјите од регионот со Европската Унија.  

Клучните елементи на оваа соработка опфаќаат зајакнување на јавно-приватниот дијалог, промовирање на олеснувања во трговијата, поддршка на дигитализацијата и организирање заеднички настани за зголемување на видливоста на реформските процеси кои го промовираат единствениот пазар и инвестициските дестинации на Западниот Балкан. 

Претседателот на ВБ6 ЦИФ, Љуљзим Рафуна оцени дека бизнисите треба секојдневно да сведочат за вистински подобрувања на теренот, а за да се постигне тоа, според него, клучни се силните партнерства, како ова што со години постои меѓу Форумот и Секретаријатот на ЦЕФТА.  

- Сакаме да ја пофалиме нивната работа за олеснување на трговијата и со нетрпение очекуваме да продолжиме да ја шириме нашата соработка, со цел да постигнеме побрза и поефикасна трговија во регионот, изјави Рафуна. 

Според в.д. директорката на Секретаријатот на ЦЕФТА, Данијела Гачевиќ, овој Меморандум претставува соработка со и за деловните субјекти, посветена на отклучување нови можности и поттикнување позитивни промени за бизнисите и луѓето ширум Западниот Балкан. 

- Заедно сме посилни во вложувањето напори, не само во промоцијата на трговијата со стоки и услуги, туку и во зајакнувањето на гласовите на нашите компании во Западниот Балкан. Со интегрирање на нивните потреби и предизвици во нашите политики и иницијативи, поттикнуваме вистинско деловно ориентирано, нагласи Гачевиќ. 

Со Меморандумот се предвидува взаемна корист преку заеднички напори и експертиза во следните четири години. сп/

Фото: ЦЕФТА

Остани поврзан