• понеделник, 23 декември 2024

Централна крстосница на НАТО-командата го доби името „Скопје”

Централна крстосница на НАТО-командата го доби името „Скопје”
Скопје, 20 октомври 2021 (МИА) - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Врховната команда на здружените сили на НАТО за Европа учествуваше на церемонијата за именување на централната крстосница во оваа команда според главниот град на Северна Македонија, Скопје, со што беше продолжена традицијата на именување улици во командата според главните градови на сојузниците. - Оваа церемонија е посебна чест што ни ја давате нам, мене, на Северна Македонија, но и на мојот сакан роден град. Оваа церемонија е потврда на успехот и истрајноста, на нашата постигната стратешка цел – членството во НАТО. Членството во НАТО го заслуживме со многу работа и истрајност, името на нашиот главен град Скопје заслужено е меѓу престолнините на Алијансата во Врховната команда на здружените сили на НАТО. Северна Македонија никогаш не беше пасивен партнер, а не сме ниту пасивен сојузник. Придонесувавме во мисиите и операциите на НАТО, работејќи заедно со партнерите и во Ирак и во Авганистан. Денеска како сојузник, со учеството во мисијата КФОР на Косово продолжуваме активно да го промовираме и да ги чуваме мирот и регионалната стабилност, рече министерката на церемонијата. Министерката додаде дека денешното свечено именување на централната крстосница во Врховната НАТО-команда во Монс по главниот град Скопје ќе биде еден симболичен показател дека вратите на НАТО остануваат отворени и дека Алијансата со приемот на Северна Македонија како сојузник доби нова, зголемена вредност. Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Тод Волтерс го поздрави присуството на министерката Шекеринска на церемонијата со која, како што рече, уште еднаш се потврдува заедничкиот НАТО-систем на вредности на 30-те земји членки и нивната посветеност на зацврствување на мирот и безбедноста. - Kако што многумина од вас знаат, еден од нашите омилени министри за одбрана на НАТО е госпоѓата министерка, и тоа што ја имаме овде зборува за карактерот на Северна Македонија, за нејзиниот карактер и за неа која ги прави работите на начин што нè прави горди на сите нас кои служиме во НАТО. Таа се разбуди во 2 часот утрово и тука дојде со нејзиниот тим. Тоа е нешто што таа го прави често и тоа зборува многу за тоа колку се грижи за нас, колку се грижи за НАТО, колку се грижи за слободата. Госпоѓо министерке, вие застанавте и се ракувавте со секој еден од нашите воени претставници, и јас сум сигурен дека оставивте впечаток на сите и секој наш воен претставник ќе се сеќава на овој момент до крајот својот живот, а тоа е дека сте министер за одбрана кој навистина се грижи за луѓето и создава мир, рече генералот Волтерс. Во Врховната команда на НАТО во Монс, министерката Шекеринска ќе има издвоена средба со генералот Тод Волтерс, на која ќе се разговара за местото на Северна Македонија како столб на безбедноста во регионот, како и за мисиите и операциите на Алијансата. Северна Македонија е активен учесник во силите КФОР на Косово, каде што придонесуваме со 65 припадници на Армијата на Република Северна Македонија. оџ/ац/

Остани поврзан