• понеделник, 16 март 2026

Цената на нафтата достигна речиси 105 долари за барел

Цената на нафтата достигна речиси 105 долари за барел

Вашингтон, 16 март 2026 (МИА) - Суровата нафта „Брент“ денеска достигна цена од речиси 105 долари за барел, што е пораст од повеќе од 40 отсто од почетокот на војната во Иран. 

Цената на барел „Брент“, кој важи за меѓународен стандард, порасна за 1,6 отсто и денеска изнесува 104,73 долари, пренесуваат светските агенции.

Американската референтна сурова нафта порасна за еден отсто на 99,68 долари за барел, што претставува пораст од речиси 50 отсто од почетокот на војната. Во петокот загубите на „Волстрит“ се продлабочија бидејќи војната повторно ги подигна цените над 100 долари за барел засилувајќи го инфлаторниот притисок врз глобалната економија.

За нешто повеќе од една недела од затворањето на Ормускиот Теснец, повеќе од 12 милиони барели нафтен еквивалент дневно се исклучени од употреба, според податоците на независната истражувачка фирма Rystad Energy.

Најновиот извештај на Универзитетот во Мичиген покажа дека расположението на потрошувачите падна на најниско ниво во годината бидејќи цените на бензинот пораснаа од почетокот на војната во Иран.

Во однос на другите трговски активности утрово, вредноста на американскиот долар падна во однос на јапонскиот јен, а еврото зајакна во однос на доларот. јт/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан