• вторник, 05 ноември 2024

„Хјундаи“ го продава погонот во Русија

„Хјундаи“ го продава погонот во Русија

Лос Анџелес, 20 декември 2023 (МИА) - Јужнокорејскиот производител на автомобили „Хјундаи“ го продава својот производствен погон во Русија, и тоа по симболична цена.

„’Хјундаи’ преговара со ‘Арт-финансии’ за деталите од договорот. Со цел да ги поддржи сопствениците на возилата ‘Хјундаи’ во Русија, ‘Хјундаи’ ќе продолжи да обезбедува услуги за клиентите по продажбата", соопшти претставничка на компанијата.

„Арт-финансии“ е огранок на руската компанија за продажба на автомобили „Авилон“. Одборот на директори на „Хјундаи мотор мануфактуринг Рус“ ги одобри плановите за продажба на акциите на „Арт-финансии“ за 10.000 рубли (100 евра), објави денеска компанијата.

Инаку, производствените линии во главната фабрика на „Хјундаи“ во Санкт Петербург, отворена во 2010 година, не работат од март 2022 година. Прекинот уследи веднаш по почетокот на руско-украинската војна. „Хјундаи“ претходно произведуваше околу 200.000 автомобили годишно во тој погон, според јужнокорејските медиуми.

Продажбата би требало да биде завршена до 28 декември, а зделката вклучува и опција за откуп.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан