• петок, 22 ноември 2024

Хусрев Емин: Бараме од ДЗС да ги поништи резултатите на пописот и да се прогласи за невалиден

Хусрев Емин: Бараме од ДЗС да ги поништи резултатите на пописот и да се прогласи за невалиден
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) – Како Национално координативно тело за пописот на турскиот народ во РС Македонија, денеска доставивме Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е споревиден против уставните и законските одредби. Исто така прекршени се многу права што се наведени во Уставот, изјави претседателот на Сојузот на турските невладини организации во земјава, Хусрев Емин на денешната заедничка прес-коференција со претседателите на Демократска партија на Турците Бејџан Илјас и на Движењето за национално единство на Турците Ердоган Сарач. - Кога ќе се споредат нашите податоците од различни населени места каде што живеат Турци со објавените податоци се воочува огромна разлика помеѓу податоците. Уште еднаш потенцираме дека согласно фактите наведени во Приговорот, турскиот народ во Република Северна Македонија под никакви услови не ги признава пописните бројки и проценти, нагласи Емин. Во врска со резултатите од пописот, додаде дека максимално ќе продолжат да ги користат сите законски и демократски права. - Бараме од ДЗС да ги поништи резултатите од пописот и истиот да се прогласи како невалиден, потенцираше Емин. На новинарското прашање зошто се чекало два месеца за реакција, Емин рече дека пред пописот и во текот на пописот во неколку наврати никако не можеле да добијат средба во врска нивните забелешки. - Ние првичната изјава ја дадовме на 30 март дека не ги признаваме резултатите, но ни требаше време да ги запазиме законските одредби и да ги собираме аргументите за да ги укажеме нашите забелешки и спротивностите на законските и уставните одредби во врска со пописот и другите права што се забележани од нашата страна дека не се реализирани, нагласи Емин. Претседателот на Движењето за национално единство на Турците, Ердоган Сарач, за истото прашање рече дека чекале дополнителни информации од ДЗС од причини што секојдневно поради неисправноста на пописот имало доста примедби од сите политички субјекти и поединци. И ние сме сведоци дека директорот на ДЗС неколкупати ги менуваше изјавите, додаде Сарач. - Неприфатливо е со ваков закон да имаме објективен попис. Ние очекувавме дека пописот на населението ќе биде статистичка операција, но за жал видовме дека се работи за политичка операција со главни атрибути од страна на властите, истакна Сарач. Во однос на прашањето ако објавените бројки не се точни тогаш колку Турци би можело да има во земјава Сарач потсети на поранешната изјава на ова координативно тело за пописот. - Ние имавме една изјава од 30 март, рековме дека ако биде под 7% не ги прифаќаме резултатите затоа што бројките на терен и она што го има објавено ДЗС не се совпаѓаат. Можам да кажам дека последниот попис во Жупа што се одржа на 17 април, таму има 7,315 граѓани кои гласаат, а со пописот има пет илјади граѓани. Ова е еден податок што ни укажува дека не е можно да веруваме во објективноста на пописот, вели сарач. Тој додаде дека пописот би бил прифатлив само со нов закон што ќе гарантира објективност и вистиност со меѓународни стандарди. На прашањето какви чекори ќе следат доколку приговорот не резултира според нивните очекувања, Емин истакна дека ќе се следат законските чекори по судовите и другите институции. Во однос на изјавата на заменик министерот на Република Турција одговорен за Балканот, Фарук Кајмакчи, за разгледување на приговорите на македонските Турци во врска со пописот, претседателот на Демократската партија на Турците, воедно и пратеник на Собранието на Република Северна Македонија, Бејџан Илјас рече дека многу е нормално да има реакции од меѓународните инстанци, а во овој случај како дел од турскиот народ, многу е нормално да има реакција и од Турција, како матична земја на Турците. - Република Турција во овој случај и во минатото се докажа како многу добар пријател, многу близок пријател на нашата земја и во овој случај и Република Турција е како засегната страна во врска со оваа статистичка операција, истакна Илјас и додаде дека не реагираат за емотивно да го застапуваат турскиот народ туку со факти и аргументи кои се изнесени во повеќе страници. Најави дека нивните приговори ќе бидат доставено до сите релевантни институции на земјава и на меѓународно ниво. Тој додаде дека освен од Турција, реакции имаше и од регионот, како што подвлече Илјас, на фрапантната разлика помеѓу реалната слика и изнесените резултати.сх/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан