• сабота, 06 декември 2025

Христодулидис и Хан размениле мислења за следните чекори во кипарското прашање

Христодулидис и Хан размениле мислења за следните чекори во кипарското прашање

Никозија, 24 јуни 2025 (МИА) – Желбата на ЕУ за активно ангажирање, на најјасен начин, ја потврдува нејзината решеност и посветеност да игра водечка улога во кипарското прашање, напиша на Икс претседателот на Кипар Никос Христодулидис за средбата со специјалниот претставник на Европската Унија за кипарското прашање Јоханес Хан, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова е прва посета на Хан на Никозија, откако беше назначен за специјален претставник, а според портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис средбата Христодулидис - Хан била „долга и конструктивна“ и биле разменети мислења за „следните чекори што можат да се преземат за зајакнување на напорите на генералниот секретар на ОН, во пресрет на претстојната мултилатерална средба во јули“.

-Се подразбира дека поактивното суштинско вклучување на ЕУ во напорите што се вложуваат за одново започнување на преговорите може да има висока додадена вредност на напорите на личниот претставник на генералниот секретар на ОН и секако, во овој поглед и користењето на заклучоците на Европскиот совет од април 2024 година со јасната поврзаност на напредокот во кипарското прашање со напредокот на евро-турските односи, истакна Летибиотис.

Во однос на тоа дали специјалниот претставник на ЕУ ќе има контакт и со Турција, портпаролот на кипарската Влада посочи дека Хан е во контакт со Анкара, а за евентуална средба со лидерот на кипарските Турција Ерсин Татар, рече дека „средбата не беше можна, иако постоеше барање“. ср/

Фото: Икс-Никос Христодулидис

Остани поврзан