• вторник, 05 ноември 2024

Хрватска бара 10 милиони евра од ЕУ за штетите од сушата

Хрватска бара 10 милиони евра од ЕУ за штетите од сушата

Загреб, 23 септември 2024 (МИА) - Хрватска денеска ќе побара помош од кризниот фонд на ЕУ за земјоделците, со цел надомест на дел од штетите предизвикани од сушата, кои се проценуваат на најмалку 270 милиони евра, изјави државниот секретар во Министерството за земјоделство, Тугомир Мајдак.

Мајдак, кој денеска учествува на состанокот на Советот за земјоделство и рибарство во Брисел, изјави дека сушата оваа година ги погодила земјоделците кои одгледуваат житни и маслодајни култури, пред сè пченка, сончоглед и соја, на површина од над 270 илјади хектари. Штетите на тие посеви се проценуваат на 50 до 70 отсто, а кај шеќерната репка, најинтензивната полјоделска култура, приносот се очекува да биде само 20 отсто, што значи загуба од 80 отсто. Освен сушата, земјоделците пролетва беа погодени и од други елементарни непогоди како град и мраз, при што страдаа и полјоделски и градинарски култури, овоштарници и лозја.

- Поради тоа, Хрватска денеска ќе побара активација на кризниот фонд, кој често се активираше во минатото, рече Мајдак.

Во рамките на Заедничката земјоделска политика на ЕУ постои кризен фонд во износ од најмалку 450 милиони евра годишно. Тие 450 милиони евра се наменети за сите 27 земји членки, а Хрватска очекува, заедно со националните средства, земјоделците да добијат околу 10 милиони евра. Хрватска минатата година исто така ја активираше кризната резерва за растителното производство и доби околу 10 милиони евра.

Министрите за земјоделство на нивниот редовен месечен состанок во понеделник ќе разговараат за двегодишната имплементација на стратешките планови во рамките на Заедничката земјоделска политика.

- Хрватска се залага за поедноставување на Заедничката земјоделска политика и за побрза и поефикасна исплата на средствата, како во однос на инвестициите, така и за директните плаќања по хектар или по грло добиток, додаде Мајдак. ссм/

фото: архива

Остани поврзан