Хоџа на средба со Османи: Посебна почит кон македонската заедница и жителите на Голо Брдо
- Потпретседателот на единствената македонска партија во Албанија Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Едмонд Османи се сретна со албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Хоџа. На средбата станало збор за проблемите и потребите на Македонците од областа Голо Брдо.

Дебар, 8 април 2025 (МИА) - Потпретседателот на единствената македонска партија во Албанија Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Едмонд Османи се сретна со албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Хоџа. На средбата станало збор за проблемите и потребите на Македонците од областа Голо Брдо.
-Во Тирана имав срдечна средба со министерот Хоџа, на која во фокусот на разговорот беа важни прашања кои ја засегаат македонската заедница во областа Голо Брдо. Посебен акцент ставивме на работата на граничниот премин Требиште - Џепиште, кој е од локален карактер. И ние како партија и жителите бараат тој да работи 24/7 што ќе биде од голема полза за економскиот развој на областа, која покрај другото располага со природни убавини кои ќе привлечат голем број туристи, рече за МИА Османи, кој живее во село Требиште - Голо Брдо.
Според него, министерот Хоџа покажал „длабоко познавање и посебна почит кон македонската заедница и жителите на Голо Брдо“, изразувајќи подготвеност граничниот премин да почне да функционира 24 часа.
Тој истакнал дека ова ќе донесе „економски развој за регионот и подобрување на животот на секое семејство, како дел од визијата за подобра и одржлива иднина за овој крај“.
-Оптимист сум дека со залагање на министерот Хоџа, преминот, кој беше отворен во мај 2013 година, набрзо ќе функционира 24 часа, односно од локален премин од трета категорија, да премине во регионален премин од втора категорија. Преминот е наменет за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 година по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила, посочи Османи.
На преминот во континуитет се зголемува фреквенцијата, што за МИА го потврдува и македонското министертво за внатрешни работи, чија статистика говори дека во првиот квартал на влез регистрирани се вкупно 5567, додека на излез 5303 патници или вкупно 10870 патници, што е за 15 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
Преминот е на дваесетина километри од Дебар, кај селото Џепиште, на десната страна од патниот правец Дебар-Струга, во летниот период, односно, од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот. вт/мд/
Фото: МАЕИ/МИА