• недела, 22 декември 2024

ХОТАМ: Хотелските капацитети за новогодишните празници се очекува да бидат исполнети околу 70 отсто

ХОТАМ: Хотелските капацитети за новогодишните празници се очекува да бидат исполнети околу 70 отсто

Струга, 5 декември 2024 (МИА) - Околу 70 отсто од хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се очекува да бидат исполнети за новогодишните празици, информира претседателот на Асоцијацијата на хотелиери - ХОТАМ Крсте Блажески. За разлика од хотелите, исполнетоста во помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани традиционално е поголема.

Најбројни гости на охридското крајбрежје очекува да бидат Бугарите, потоа Турците, но нема да изостанат ниту посетителите од околните земји. Голема исполнетост се очекува и за католички Божиќ, кога традиционално најбројни се гостите од Грција.

- Некои хотели ќе работат само со ноќевање без организирани пречеци и таму исполнетоста можеби ќе е помала, за разлика од хотелите кои организираат пречек на новогодишната ноќ, каде исполнетоста е целосна, појасни Блажески.

Според него, интерес има и кај домашните гости, но тие најчесто бараат сместување во хотелите, а одат на организиран пречек во ресторани.

- Домашните гости да не заборават дека со посетата на туристичките центри во Македонија се помага економијата на државата, а со тоа и самите си помагаат. Така ќе се изградат патишта, болници, училишта, а ќе се реализираат и други инфраструктурни проекти, истакна Блажески, нагласувајќи дека постојано инвестираат во модернизација на хотелите и овозможување подобри услови за гостите.

Изминатата летна туристичка сезона, првиот човек на ХОТАМ ја оцени како позитивна, со надминување на очекуваното, а за следната очекува да го задржат нивото од оваа година. сс/мд/

фото: МИА архива 

Остани поврзан