• недела, 22 декември 2024

Холивудски продуцент сведочеше на судењето против Нетанјаху за корупција

Холивудски продуцент сведочеше на судењето против Нетанјаху за корупција

Ерусалим, 26 јуни 2023 година (МИА) - Холивудскиот магнат Арнон Милхан денеска, на вториот ден од сведочењето на судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, призна дека долгата листа на подароци, шампањ, пури и накит, кои системски му ги давал на израелскиот политичар, можеби била претерана.

Милхан, продуцентот на филмовите „Убава жена“, „Дванаесет години ропство“ и „Боемска рапсодија“, е клучен сведок во еден од трите случаи во кои е обвинет Нетанјаху.

Обвинителите се обидуваат да докажат дека Нетанјаху извршил измама и ја злоупотребил својата положба, а Милхан (78) сведочи преку видео врска во Брајтон, Англија.

Тие тврдат дека во замена за подароците, Нетанјаху работел за Милхан, а адвокатите на Нетанјаху велат дека тоа биле пријателски гестови.

На првиот ден од сведочењето, Милхан рече дека пријателството вклучувало неколку подароци за семејството Нетанјаху кои се претвориле во редовни барања и станале рутина.

Рутината станала толку вообичаена што за подароци се користеле кодни зборови, како на пример, за пури „листови“ и за шампањ „рози“.

Милхан им рекол на своите соработници да им дадат на семејството Нетанјаху „што и да посакаат“ и дека премиерот го уверил дека ништо не е нелегално.

На прашањето дали некогаш одбил барање за подароци, Милхан одговори дека не се сеќава.Тој исто така нагласи дека го смета Нетанјаху за пријател, но дека на полицијата и рекол дека се чувствувал непријатно бидејќи подароците не биле возвратени.

Во обвинението против Нетанјаху се наведува дека Милхан нему и на неговата сопруга Сара им дал подароци во вредност од околу 200.000 долари.

Нетанјаху, се додава, го искористил своето влијание и дипломатските контакти, вклучително и со поранешниот американски државен секретар Џон Кери, за да му помогне на Милхан да ја продолжи својата американска виза.

Покрај тоа, обвинет е дека наводно се обидел да донесе закон со кој Милхан ќе биде ослободен од милионски даноци.

Холивудскиот продуцент, кој не е обвинет во случајот, потврди дека му пришол на Нетанјаху за виза, но дека Кери му рекол дека не може да му помогне.

Нетанјаху вчера и денеска се појави за време на сведочењето на Милхан пред судот во Ерусалим.

Во другите два случаи, премиерот на Израел е обвинет за поткуп, злоупотреба на службената положба и измама, бидејќи во замена за поволно покривање за себе во медиумите, се обидел да им обезбеди на медиумските магнати намалување на влијанието на конкурентски весник и поволни регулативи заради обезбедување повеќемилионски профит.

Тој негира дека направил нешто погрешно и тврди дека е жртва на „лов на вештерки“ оркестриран од либералните медиуми и пристрасниот правосуден систем.

Судењето започна во 2020 година, а Нетанјаху сè уште не сведочел. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан