• петок, 22 ноември 2024

Ховениер се сретна со претставници на косовските Срби кои се опозиција на Српска листа

Ховениер се сретна со претставници на косовските Срби кои се опозиција на Српска листа

Приштина, 22 август 2023 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер прими денеска во aмбасадата политички претставници на косовските Срби, кои се опоненти на најголемата партија која ја претставува српската заедница во Косово, Српска листа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата официјална страница на Твитер, Ховениер информира дека на средбата се разговарало за прашања во врска со српската заедница и порача дека САД ја поддржуваат мултиетничноста на косовската држава.

- Имав прилика да пречекам денеска неколкумина политички претставници на косовските Срби за да разговараме за прашања кои се значајни за нивната заедница. Различните мислења и плурализмот се составен дел на секоја силна и здрава демократија. Ја повторив нашата поддршка за едно суверено, мултиетеничко и демократско Косово, напиша Ховениер.

На средбата со американскиот дипломат присуствуваа Александар Јаблановиќ од Партијата на Србите на Косово, Милија Бишевац од Граѓанската иницијатива (ГИ) за Зубин Поток, Александар Арсенијевиќ од ГИ Српски опстанок и поранешниот градоначалник на Грачаница, Бранимир Стојановиќ.

Партијата Српска листа, која не присуствуваше на приемот кај Ховениер, е отворено поддржана од официјален Белград и е во редовен контакт и комуникација со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со другите претставници на српскиот државен врв.

Средбата на Ховениер со опонентите на СЛ се реализира во време кога се интензивираат најавите за скорешно одржување вонредни локални избори во четирите општини со мнозинско српско население во Северно Косово. иа/сд/

Остани поврзан