• петок, 22 ноември 2024

Хелсиншки комитет: Основниот граѓански суд утврди сегрегација на децата Роми во образовниот процес

Хелсиншки комитет: Основниот граѓански суд утврди сегрегација на децата Роми во образовниот процес

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - Основниот граѓански суд во Скопје утврдил дека Владата и три министерства - за образование и наука, за труд и социјална политика и за здравство, како и Државниот просветен инспекторат  и општините Битола и Штип, сториле дискриминација – сегрегација на децата Роми во образовниот процес. Хелсиншкиот комитет  за човекови права соопшти дека Судот ја донел пресудата по нивната тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес, поднесена на 1 февруари 2021 година.

Од сите доставени докази од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права како тужител, Судот утврдил дека „во конкретниот случај била сторена сегрегација на децата Роми во образовниот процес, на начинот на којшто биле формирани паралелките во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, како и со несоодветно упатување на децата Роми во образовни установи кои се наменети за ученици со интелектуална попреченост“.

Хелсиншкиот комитет денеска информира дека, според судската пресуда, тужените страни ги дискриминирале децата Роми со тоа што не презеле активности за уредување на начинот на реонизација за да се избегне можна сегрегација и за непреземени дејствија за контрола на одлуките за реонизација што ги донеле двете општини за начинот на спроведување на одлуките за реонизација во пракса и за начинот на запишување на деца Роми во училиштата.

 Владата, МОН, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип, наведува Хелсиншкиот комитет, не презеле мерки за десегрегација на учениците Роми во сегрегирани паралелки односно не презеле активности за нивно рамномерно и соодветно распоредување со другите етнички заедници во паралелките.  Владата и трите министерства  „пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на начинот на категоризација на децата со посебни потреби, посебно децата Роми“.

-Не презеле, односно пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на составот на комисиите и процедурата за ревидирање на нивните одлуки; не презеле, односно пропуштиле да преземат дејствија за рекатегоризација на несоодветно категоризираните деца Роми кои учат во специјалните училишта. Владата, МОН, МТСП, МЗ, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно пропуштање да преземат дејствија за едукација на сите чинители во образовниот систем и родителите на децата со цел полесно препознавање и борба против актите на дискриминација, информира Хелсиншкиот комитет.  

Посочува дека Судот ги задолжил сите тужени органи да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите дејствија за рекатегоризација на децата Роми кои учат во специјалните училишта.

Во тужбата од Хелсиншкиот комитет се опишани голем број истражувања, извештаи и документи објавени во минатите години за сегрегацијата како форма на дискриминација врз децата Роми во образовниот процес, конкретно во општините Штип и Битола.

Клучниот проблем којшто Хелсиншкиот комитет за човекови права го лоцира од прибраните податоци е „системската дискриминација и сегрегацијата на децата Роми во образованието“.

Како што наведува, уште во 2009 година ја информирале јавноста за случај на сегрегација на етничките заедници во образовниот процес во Струга и ја повеле првата постапка пред Комисијата за заштита од дискриминација во врска со сегрегација на деца Роми во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, каде што во 2017 година укажале за постоење на сегрегирани паралелки на ученици Роми, за случај на говор на омраза и за графити со таква содржина на училишниот објект.

Во дописот до медиумите по повод пресудата, ХК го наведува и тоа што во 2010 година го утврдил Народниот правобранител - дека по инсистирање на нивните родители, за да не останат надвор од образовниот процес, децата Роми често се запишуваат во специјализирани училишта, и покрај тоа што немаат интелектуална попреченост.

-Лоциран е недостаток при категоризацијата на децата, бидејќи не се врши во соработка со тимот од училиштата каде се школуваат децата со попреченост, па потребна е правилна опсервација на децата од страна на стручен тим (психолог, социјален работник и дефектолог). Народниот правобранител дава јасна препорака за спречување на сегрегацијата на децата Роми со нивно упатување во посебни училишта за деца со попреченост и покрај фактот дека истите немаат интелектуална попреченост, а тоа е формирање посебна комисија за издавање на наод и мислење за попреченоста кај децата. Народниот правобранител дава препорака и за формирање комисија од повисок степен која ќе ги разгледува издадените првостепени наоди, наведува Хелсиншкиот Комитет.

Основниот граѓански суд оценил дека не само што Хелсиншкиот комитет со доставените докази го сторил веројатно тврдењето за сторена сегрегација врз децата Роми во образовниот процес, туку сторената сегрегација е утврдена и со конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права, „при што Основниот граѓански суд Скопје при одлучувањето е должен да ги применува ставовите изречени во конечните пресуди на Европскиот суд“.

Судската постапка иницирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права била водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Комитетот во 2020 година го спроведувал со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во дописот до медиумите ХК посочува и дека тужбите за заштита од дискриминација од јавен интерес се новина во Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидени во членот 35 и дека здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. хс/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан