• петок, 22 ноември 2024

Хамнеи вети одмазда по нападот врз шиитско светилиште

Хамнеи вети одмазда по нападот врз шиитско светилиште
Техеран, 27 октомври 2022 (МИА) - Иранскиот врховен лидер,  ајатолахот Али Хамнеи вети одмазда против оние кои ја загрозуваат безбедноста на земјата по нападот врз шиитските верници за кој одговорноста ја презеде терористичката Исламска држава. Во изјавата прочитана на државната телевизија, ајатолахот Хамнеи рече дека напаѓачите „сигурно ќе бидат казнети“ и ги повика Иранците да се обединат. „Сите ние имаме должност да се справиме со непријателот и неговите предавници или неуки агенти“, нагласи Хамнеи еден ден по нападот во кој загинаа 15 луѓе. Иранските власти соопштија дека уапсиле вооружен маж кој го извршил нападот во светилиштето во градот Шираз. Државните медиуми соопштија дека тоа е дело на „такфирски терористи“, ознака што Техеран ја користи за тврдокорните сунитски муслимански борци, како што се членовите на терористичката ИД. Заменик-гувернерот на покраината, Есмаил Мохебипур, изјави дека осомничениот напаѓач е во критична состојба откако бил застрелан од полицијата. „Сè уште не успеавме да го испрашаме“, додаде тој. На снимка од надзорна камера, емитувана денеска на државната телевизија, се гледа како напаѓачот влегува во храмот со автоматска пушка што ја сокрил во торба и пука додека верниците се обидуваат да избегаат и да се сокријат по ходниците. „Исламската држава“, некогаш безбедносна закана на Блискиот исток, ја презеде одговорноста за претходните инциденти на насилство во Иран, вклучително и два напади во 2017 година, насочени кон парламентот и гробницата на основачот на Исламската Република, ајатолахот Хомеини. ссм/

Остани поврзан