Хамас одбива да ослободи 12 од 34-те заложници на израелската листа, пренесуваат израелските медиуми
- Тајмс оф Израел пренесува дека Хамас наводно е подготвен да ослободи 22 од 34-те заложници на списокот, но одбива да ги ослободи останатите 12. Наместо тоа, се додава, групата понудила да ослободи 22 живи заложници и да предаде 12 тела за време на првата фаза од договорот.
Тел Авив, 31 декември 2924 (МИА) - Палестински Хамас делумно го отфрли списокот на заложници на кои Израел инсистира да бидат ослободени во првата фаза од каков било договор за прекин на огнот, објави денеска израелскиот јавен радиодифузер Кан, цитирајќи неименуван палестински извор.
Тајмс оф Израел пренесува дека Хамас наводно е подготвен да ослободи 22 од 34-те заложници на списокот, но одбива да ги ослободи останатите 12. Наместо тоа, се додава, групата понудила да ослободи 22 живи заложници и да предаде 12 тела за време на првата фаза од договорот.
Во извештајот се наведува дека Израел ја отфрлил понудата и јасно ставил до знаење дека ќе прифати само живи заложници за време на почетната фаза од договорот за ослободување заложници и прекин на огнот.
Извештајот не дава дополнителни детали за заложниците кои Хамас наводно одбива да ги ослободи, иако претходно овој месец египетската новинска агенција Ал-Гад објави дека Израел побарал размена на 11 мажи кои Хамас ги смета за војници во првата фаза од потенцијален договор.
Хамас и Израел во последните денови меѓусебно се обвинуваат за прекин на преговорите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа по повеќе од една година војна.
Хамас го критикуваше Израел дека во индиректните преговори во Доха, што се водат “ под покровителство на посредниците - Катар, Египет, САД, на масата постојано става „нови услови.
Израел, пак, во одговорот го обвини Хамас дека „поставува нови пречки во преговорите“.
Хамас и две други палестински групи, Исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестина, минатата недела изјавија дека договорот за прекин на огнот е „поблиску од кога било“ доколку Израел не наметне нови услови.
Меѓу главните пречки во преговорите меѓу Израел и Хамас се трајниот карактер на прекинот на огнот и управувањето со Газа по војната.сд/
фото:МИА архива