• понеделник, 23 декември 2024

Француската влада користи специјална уставна процедура за да го заобиколи Собранието за пензиската реформа

Француската влада користи специјална уставна процедура за да го заобиколи Собранието за пензиската реформа

Париз, 16 март 2023 (МИА) - Француската Влада ќе прибегне кон специјална уставна процедура за да ја протурка контроверзната пензиска реформа без гласање во Парламентот, изјави владин извор за француски медиуми. 

Процедурата според член 49, точка 3 од Уставот ќе дозволи возраста за пензионирање да се зголеми на 64 години, но покажува дека претседателот Емануел Макрон и неговата Влада немаат мнозинство во Националното собрание за таа мерка. 

Како што е наведено, потегот на Владата најверојатно дополнително ќе ги разгневи синдикатите, демонстрантите и левичарската опозиција, кои велат дека пензиската реформа е неправедна и непотребна. 

„Оваа влада не е достојна за Петтата република и француската демократија. Парламентот е шиканиран, понижуван до крај“, рече Фабиен Русел, лидер на Комунистичката партија. 

Лидерот на социјалистите Оливие Фор рече дека таквиот потег би можел „да предизвика неконтролиран гнев“ по неколкунеделни штрајкови и протести. 

Опозициските партии најверојатно ќе бараат гласање за доверба на Владата, но тешко дека ќе помине со оглед на тоа што повеќето конзервативни пратеници ја поддржуваат, јавија француските медиуми. 

Макрон и Владата велат дека е неопходно подоцнежно пензионирање за да се извади пензискиот систем од „црвеното“ до крајот на деценијата. 

Неуспехот на Макрон да обезбеди мнозинство за да ја усвои пензиската реформа не само што е сериозен удар за неговите реформски напори, туку може да уништи голем дел од политичкиот капитал за продолжување на вториот претседателски мандат кој истекува во 2027 година, пренесуваат агенциите. паг/

 

 

Остани поврзан