• сабота, 23 ноември 2024

Фотографии од маскенбали низ времето во Охрид прикажани на изложба

Фотографии од маскенбали низ времето во Охрид прикажани на изложба
Охрид, 1 април 2022 (МИА) – Со изложба на фотографии од Денот на шегата и Денот на пролетта во периодот од 1955 до 1965 година, денеска во кафе-барот „Тераса аквариус“, Охридскиот Архив го одбележува Денот на архивот – 1 Април. Директорот на подрачното одделение на Државниот архив во Охрид, Никола Митровиќ-Бабе вели дека со изложбата сакале да прикажат симбиоза меѓу тоа како дечињата го славеле Денот на шегата во минатото и како денес. - Како денес го слават децата можеме да видиме на Градскиот плоштад, но како го славеле во минатото можеме да видиме преку архивистички документи, односно низ фотографиите, преку една интересна изложба, во која се претставени маскирани деца во минатото, истакна Митровиќ. Фотографиите се од охридскиот фотограф Коста Андоноски, а неговиот труд, според директорот, е од големо значење не само за Охрид, туку и за поширокото поднебје. - Давам и еден апел, секој кој ќе си ги пронајде своите предци или ќе си се пронајде себеси, бидејќи датираат од 1965 година, а имаме дел и постари фотографии, слободно да се обрати кај нас, во подрачното одделение во Охрид, каде што ќе може да ги пополните тие податоци, додаде Митровиќ. На одбележувањето на Денот на архивот во Охрид, присуствуваа и претставници од прилепскиот и битолскиот архив. Гоце Стојановски, в.д. раководител на Архивот од Битола забележа дека архивскиот материјал со кој располагаат архивите во земјава е приказ на секојдневниот живот и настаните низ времето. - Фотографскиот материјал, кој го има Охридскиот архив, но и општо низ архивските збирки во другите подрачни одделенија, а еве и битолското одделение во Фондот „Манаки“, е навистина еден убав приказ и документ за секојднвниот живот на луѓето, за настаните дали ги гледаме од историски или етнолошки контекст. Имаме една широка палета на фотографски материјал, која го отсликува минатото на еден поинаков начин. Интересна можност луѓето да видат многу детали, рече Стојановски. Посетителите добиваат примероци од книгата „Архив(истикс) на Никола Митровиќ-Бабе и примероци од изданието на „Македонски архивист“. сс/хс/

Остани поврзан