• петок, 05 декември 2025

Форум на пристапноста реализиран во Неготино 

Форум на пристапноста реализиран во Неготино 

Неготино, 3 декември 2025 (МИА) - Регионален тематски форум на пристапноста беше реализиран денеска во Неготино, со што беше одбележан меѓународниот ден посветен  на лицата со попреченост. Настанот беше во рамките на проектот ,,Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата", на Цивика мобилитас, што е финансиран од Владата на Швајцарија, а го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ Шведска.

- Денешниов ден е посебен за сите нас, посебно за лицата со попреченост, нивните семејства но и организациите што се директно вклучени во работата со бројни наши сограѓани со попреченост. Заеднички ќе прославиме, но тоа е само еден ден посветен на заедништвото во едно општество, кога сите ние со должно внимание оддаваме почит на напорите и битките што ги бијат нашите сограѓани со попреченост. Можеби е добро така, но ајде барем останатите 364 денови навистина да им бидеме соборци, во нивните битки за подобро и поквалитетно секојдневие за нив и нивните семејства, истакна Гоце Николов, оперативен директор во ,,Порака Неготино", Центар за помош на лица со ментален хендикеп.  

Градоначалничката на Неготино, Марија Нацева изрази задоволство што еден регионален настан се реализира токму во овој град. 

- Општина Неготино е лидер во процесот на деинституционализација во Република Македонија, процес што започна пред повеќе од 20 години и што резултираше со отварање на мали групни домови во кои престојуваат штитениците од ,,Порака", а кои пред започнувањето на процесот беа сместени во Специјалниот завод во Демир Капија. Во изминатиот период, Општина Неготино имаше и во иднина ќе има, одлична и конструктивна соработка со Дневниот центар ,,Порака", преку директна или индиректна поддршка на активностите што ги реализираат, а присуството на претставниците на локалната власт е континуирано во Дневниот центар ,,Порака", секогаш кога тоа е потребно, истакна Нацева. 

Таа подвлече дека се поддржуваат проекти и активности, што штитениците и нивните ментори ги спроведуваат. 

- Без разлика дали станува збор за спортски натпревари, културни настани, празнични програми и слично и од ова место можам да ветам, дека, како градоначалничка, секогаш ќе бидам на располагање, да одговорам на сите потреби на Дневниот центар ,,Порака", нагласи Нацева. 

Настанот беше збогатен со културно - уметничка програма. На посебни штандови, присутните можеа да се запознаат со активности на различни невладини организации од регионот. Истовремено, можеа да се купат рачни изработки создадени од активистите во овие организации. свд/дма/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан