• четврток, 26 декември 2024

Фон дер Лајен официјално го предложи Вопке Хукстра за нов еврокомесар

Фон дер Лајен официјално го предложи Вопке Хукстра за нов еврокомесар

Брисел, 29 август 2023 (МИА) – По денешниот разговор со кандидатот предложен од Владата на Холандија за нов еврокомесар Вопке Хукстра, решив да им предложам на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент да го именуваат за член на Европската комисија, соопшти попладнево претседатаелката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.

Таа информира дека Хукстра, кој е актуелен холандски министер за надворешни работи, ќе биде задолжен за климатската политика на ЕУ, под раководство на извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор и меѓуинституционални односи Марош Шефчович.

- Хукстра покажа силна мотивација за функцијата и голема посветеност на Европската унија. Тој, исто така, има релевантно професионално искуство за оваа функција Хукстра има голем искуство за европски прашања, бидејќи беше холандски вицепремиер и министер за надворешни работи од 2022 година и министер за финансии од 2017 до 2022 година, наведе претседателката на Европската комисија.

Според неа, досегашното искуство на Хукстра ќе биде ќе претставува голема предност особено за европската климатска дипломатија во пресрет на Самитот за климата во Дубаи, како и за имплементација на законодството поврзано со климата.

- Хукстра за време на интервјуто ја истакна својата посветеност за продолжување на амбициозната климатска политика и за одржување на социјална рамнотежа во сите неопходни заеднички напори на патот кон климатска неутралност, додаде Фон дер Лајен.

Хукстра треба да го наследи Франс Тимерманс, кој минатата недела официјално се повлече од Европската комисија за да го предводи блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за во ноември и да биде кандидат за премиер на оваа коалиција.

По повлекувањето на Тимерманс, кој беше извршен потпретседател на ЕК задолжен за имплементација Европскиот зелен договор, Фон дер Лајен овој ресор му го додели на досегашниот потпретседател за меѓуинституционални односи Шефчович.

Владата во Хаг во петокот официјално го предложи Хукстра, кој доаѓа од редовите на партијата Христијанско-декократски апел (ЦДА), за нов претставник на Холандија во извршното тело на ЕУ. сп/

Остани поврзан