• сабота, 23 ноември 2024

Фондација Метаморфозис: МВР една од најтранспарентните институции во земјата и регионот

Фондација Метаморфозис: МВР една од најтранспарентните институции во земјата и регионот

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Фондацијата Метаморфозис ги презентираше резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење во Северна Македонија и регионот преку Индексот на отвореност – Собрание и извршна власт. Топ три отворени институции оваа година се Министерството за одбрана со исполнетост од 89.72 проценти, Владата која исполнува 79.14 проценти и Министерството за внатрешни работи со 78.9 проценти исполнетост на индикаторите за отвореност, соопштија денеска од МВР.

- Тоа покажува исклучителна транспарентност на институциите во Република Северна Македонија во споредба со минатото и во споредба со институциите во регионот во кои министерствата исполнуваат помалку од половина од поставените индикатори - во Црна Гора 37,40 проценти, Србија 51,48 проценти, Босна и Херцеговина 37,4 проценти. Транспарентноста е исклучително важен фактор во имплементацијата на антикорупциските политики и проактивноста на институциите овозможува граѓаните, граѓанските организации и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, како и да вршат контрола врз нивното работење, се наведува во соопштението.

Четирите столба на Индексот на отвореност, се посочува, го дефинираат и го проценуваат доброто владеење заедно со следниве начела: пристапност – го проценува степенот до кој правото на пристап до информации е гарантирано со закон и во практика, како и квалитетот на механизмите за вклучување и за консултации при процесите на креирање на политиките; ефикасност – ја разгледува посветеноста на институциите да учат од тековните процеси и да ги подобрат преку воспоставени системи за следење, евалуација и учење – со употреба на клучни
точки/индикатори за време на стратегиското планирање и известување; транспарентност – ја проценува јавната достапност на организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки. Интегритетот, соопштија од МВР, го оценува присуството на механизмите за спречување судир на интереси, за регулирање на лобирањето, како и на достапноста на кодексот за етичко однесување што ќе го води и ќе го санкционира однесувањето на државните службеници и на јавната администрација. цр/са/

Фото: МВР

Остани поврзан