• понеделник, 23 декември 2024

Филмови, концерти, изложби - дел од културната програма на Франкофонијата во Скопје

Филмови, концерти, изложби - дел од културната програма на Франкофонијата во Скопје

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Со проекција на филмот „Страста на Доден Буфан“ на режисерот Тран Ан Хунг, во петок, 1 март ќе биде отворено годинешното издание на Франкофонија во Скопје. Филмот ќе биде прикажан во кино „Милениум“. Културната програма на Франкофонија во Скопје ќе трае до почетокот на април, а на 4 април и во Битола.

Директорот на Францускиот институт во Скопје Иго Бештел, на прес-конференцијата денеска во Скопје информираше дека годинешната програма предвидува повеќе концерти, филмови, изложби.. Како што најави, на 7 март ќе се одржи второто издание на Парламентот на млади франкофони, што е организирано од Собрание на Северна Македонија.

Следниот ден, на 8 март, во просториите на „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи концерт на Швајцарскиот бенд „Хубрис“. Концертот е организиран од Швајцарската амбасада.

Од 15 до 22 март ќе има Недела на франкофонски филм организиран од сите амбасади на франкофонските земји. На 16 март во Кинотеката ќе се одржи финале на натпреварот по изразно читање, а во петок 22 март, во галеријата „Чифте Амам“ ќе биде отворена изложбата „Париски рефлексии 3“. На 3 април, во среда, во кафе „Концепт 37“ ќе има музичка вечер „Вино и музика“, а следниот ден, 4 април, во НУ Народен театар во Битола ќе има француска вечер на Џез фестивалот во Битола со триото на Никола Гардел.

Како што посочи на денешната прес-конференција амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер, Франкофонијата е пред се јазикот, поточно францускиот јазик којшто го зборуваат повеќе од 320 милиони луѓе во светот, и со тоа е петти најзборуван јазик во светов.

-Францускиот јазик е јазик на културата, јазик на уметноста, јазик на умешноста на живеење, јазик на гастрономијата. Но, францускиот јазик е исто така и јазик на правото, деловен јазик и еден од двата работни јазици на ЕУ. Станува збор за убав јазик, но исто така и прецизен јазик и јазик којшто е корисен во деловниот свет, во правниот свет, во администрацијата, рече Бомгартнер.

Тој напомена дека во Северна Македонија треба да се негува концептот на Франкофонијата, бидејќи тука францускиот јазик останува јазик којшто се изучува во образованието и денес има ученици кои го учат францускиот јазик. Постои Француско интернационално училиште во Скопје, Француски институт, Француска алијанса во Тетово и Француска алијанса во Битола.

-Франкофонијата е реалност овде и има огромен број на луѓе коишто во минатото го изучувале францускиот јазик, иако можеби во секојдневниот живот немаат можност да го практикуваат. Францускиот јазик е реалност, тоа е богатство кое што треба да го зачуваме, додаде францускиот амбасадор.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероник Хулман на прес-конференцијата денеска напомена дека Швајцарија е полноправна членка на Франкофонијата.

-Од 1996 година Швајцарија е постојана членка и сака да го сподели своето искуство на ниво на повеќејазичноста, промоција на демократија, на правата на човекот. Швајцарскиот модел негува вредности на еднаквост и на национална кохезија. Признавање на идентитетот на луѓето преку признавање на јазикот значи да франкофонски простор да се споделат вредности на еднаквост, мир и демократија - суштински вредности и универзални на правата на човекот, рече Хулман.

Нашата држава е полноправна членка на оваа Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 88 земји. бт/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан